Oткако „Макфакс“ цитираше ФБ објава на Невена Георгиевска од О2 иницијативата во врска со сеча на дрвја на булеварот Партизанска во Скопје, реаграше ЈП „Паркови и зеленило“. Оттаму велат дека станува збор за активности на ЈП „Паркови и зеленило“, во конкретниов случај на булеварот „Партизански одреди“, како дел од големата акција што започна неодамна за уредување на градското зеленило.
„Тоа подразбира садење нови дрвја, но и кастрење на суви гранки и отстранување на стари и суви дрвја, кои претставуваат опасност, особено при секое посилно невреме по сигурноста и безбедноста на граѓаните и нивниот движен и недвижен имот. Сите овие активности се реализираат согласно утврдени процедури и врз основа на Решенија од Град Скопје. Надлежните градски служби детектираа нереализирани решенија дури од 2010 година за кастрење на суви дрвја и гранки по пријави на граѓани и институции. Согласно со затекнатата состојба, на градските улици и булевари во изминатите 10 години не биле кастрени околу 2.000 дрвја согласно доставени барања а севкупно во градското зеленило над 5.500. Со реализацијата на овие активности се обидуваме системски да ги решаваме наталожените проблеми, а градското зеленило да добие уреден лик, но пред се да се превенираат штетите при невреме од пад на суви дрвја и гранки“, велат од јавното претпријатие.
Додаваат дека по налог на Град Скопје екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ отпочнаа и со акција за засадување на нови дрвја секаде каде во изминатите години биле исечени и отстранети.