Извештај „Огледало на Владата“: За речиси две третини од предлог-законите нема консултативен процес на ЕНЕР

uzveshtaj
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во 2022 година 37 отсто од предлог-законите усвоени на Влада и доставени до Собрание биле објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, покажува извештајот „Огледало на Владата“ за минатата година, подготвен од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ), кои го следат и анализираат ЕНЕР.







Со Извештајот се констатира влошена состојбата во споредба со претходните години (41 отсто во 2021 г. и 49,6 проценти во 2019 г.).

– Министерствата не ги објавуваат поголемиот дел од предлог-законите на ЕНЕР. Во 2022 година Владата поднела вкупно 65 предлог-закони до Собранието за коишто имала обврска да ги стави на ЕНЕР. За 24 од нив (37 отсто) претходно бил објавен текстот на нацрт-законот на ЕНЕР. Заради ова, на јавноста и била скратена можноста да се информира за содржината на предлог-законите. Што се однесува до минималниот периодот за коментирање од 20 дена, тој е испочитуван од министерствата за сите 24 предлог-закони, посочуваат од МЦМС и ГРЦ.

Во Извештајот се констатира дека е намален и интересот на јавноста за коментирање на ЕНЕР. Граѓаните минимално го користат ЕНЕР за да ги кажат своите мислења за предлог-законските решенија во рана фаза на подготовка.

– Поставени се 112 коментари за 23 од вкупно 39 предлог-закони објавени на ЕНЕР во 2022 година. Најмногу коментари, вкупно 18, беа оставени за Предлог-законот за критична инфраструктура. По 11 коментари има за измените и дополнувањата за предлог законите за Кривичниот законик, за безбедност на храната и за земјоделското земјиште. Прашање за подлабока анализа е дали причината за намалениот интерес на граѓаните е резултат на недостиг на повратни одговори од министерствата на коментарите на граѓаните. Во периодот на следење, министерствата објавиле 36 повратни одговори на ЕНЕР на вкупно 112 поставени коментари (32 отсто) од граѓаните и граѓанските организации. Повеќе од половина од дадените одговори од министерствата (28) се дадени од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на петте предлог-закони ставени на ЕНЕР од ова министерство, посочуваат од МЦМС и ГРЦ.

Алармантни се и резултатите кои покажуваат заобиколување на консултативниот процес преку изборот на предлагачи. Вкупно 86 од предложените 191 закон (45 отсто) се на предлог на пратениците.

– Собранието на Република Северна Македонија не спроведува консултативен процес за предлог-закони кои се на предлог на пратеници и овластени предлагачи на закони. Така, за значаен процент од предлог-законите се оневозможуваат консултациите со засегнатите страни и подлежат исклучиво на законодавна постапка за донесување на закони. Имајќи го предвид ова, закони кои се од суштинско значење за правното опкружување може да бидат изгласани без јавноста да биде консултирана, нагласуваат од МЦМС и ГРЦ.

МЦМС веќе 10 години ја следи отвореноста на процесите на подготовка на закони. Подготовката на овој Извештај е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ кој е финансиран од Европската Унија.

Покрај годишните извештаи, редовно се објавуваат и неделни и месечни прегледи.

– Целта е да се подобри информираноста на граѓаните и граѓанските организации и да се поттикнат да учествуваат во раните фази на подготовката на законите, велат од МЦМС.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK