Ако сакаме да имаме чиста иднина тогаш треба да се потрудиме и дечињата да бидат „невалкани“. Ова го изјави денеска Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, на почетокот на кампањата „Бидете херои на чесноста“, која има за цел да ја подигне свеста кај учениците за штетните ефекти од корупцијата, поточно да се едуцираат за поимите интегритет и корупција, како да ја идентификуваат корупцијата и воедно да се создаде антикорупциско движење во земјава што пак ќе придонесе за општество без корупција.
– Ја започнуваме нашата многу важна кампања токму тука од училиштето, каде што се нашите дечиња имајќи предвид дека дечињата се нашиот најзначаен капитал којшто ни е многу битен за нашата иднина. И ние ќе се потрудиме пренесувајќи го нашето знаење, искуство и нашите принципи и вредности коишто ги почитуваме, ќе се потрудиме дечињата да си ги градат своите и да останат невалкани во ова општество бидејќи, пак ќе кажам, тие се нашата иднина, рече таа.
На новинарско прашање, таа нагласи дека треба чесноста да им биде дел од нив, треба да ја препознаваат корупцијата и да бегаат од корупцијата.
– Едноставно, да не бидат соучесници во никакви коруптивни, односно валкани работи во животот. Бидејќи така ќе си обезбедат и сопствен мир, ќе си ја градат својата вредност, своето лично богатство базирано на знаење, на работа, на професионалност и само на тој начин ние ќе можеме навистина да имаме позитивна селекција во државата и да направиме оваа држава да биде најубаво место за живеење. Бидејќи, гледате, младите живеат во едно опкружување секојдневно што ќе правиме ние тука – дај да одиме во странство. Има и тоа што многу да се направи тука, само треба да им се даде можност на овие млади дечиња нивниот талент, нивното знаење, нивните идеи да дојдат до израз, додаде Ивановска.
Нешто е добар пример, нешто е лош пример, подвлече таа, децата треба да се научат да препознаваат што е добар пример и тоа да им биде водилка, а што е лош пример и тоа да не го почитуваат, да го тргнат на страна.
Даниела Штеријова, директорката на ООУ „Петар Поп Арсов”, искажа задоволство што ова училиште е домаќин на исклучително важен настан со којшто започнува една исклучително важна кампања.
– Морам да кажам дека ние како образовна институција, наставници, воспитувачи, стрчна служба е наша должност да воспитуваме, да образуваме и да негуваме генерации коишто ќе почитуваат етички вредности на чесност, правичност, одговорност и сите оние вредности коишто се важни за едно општество да оди напред. Значи, да има прогрес. А за тоа да го направиме пред се е важно и ние да бидеме пример. Ние треба да бидеме примерот за интегритет пред дечињата и се надевам дека оваа кампања ќе даде навистина огромен придонес во таа насока за, како што кажа претседателката, Македонија да стане едно убаво место за живеење и каде што младиот кадар со задоволство ќе остане да придонесува, рече директорката.
Програми има, нагласи таа.
– Еве, конкретно да кажеме оваа програма што се реализира во наставата. Секако дека никогаш не е доволно, така? Значи, може да направиме повеќе, меѓутоа да не заборавиме дека оваа „програма“ всушност може да се имплементира и во сите други наставни предмети за време на одделенскиот час, бидејќи ние како училиште сме пред се воспитна установа – значи, воспитно-образовна, така што ние како педагози и како стручен тим – наставници практично треба да ја зајакнеме, според мене, воспитната компонента, додаде директорката.
„Бидете херои на чесноста“ е слоганот на едукативна антикорупциска кампања, која ги охрабрува учениците од основните училишта да станат херои на чесноста промовирајќи интегритет, транспарентност и одговорност во општеството.
Првиот настан од кампањата се одржа во основното училиште „Петар Поп Арсов“ во општина Карпош, во која учествуваа 120 ученици од седмо до деветто одделение. За време на настанот беа прогласени и 10-те победници од конкурсот за есеи на тема корупција со што им се даде признание на учениците и ученичките за нивните исклучителни напори во промовирањето на антикорупциските вредности.
Оваа кампања на ДКСК е дел од Активноста за анти-корупција и интегритет која ја спроведува Меѓународната фондација за изборни системи ИФЕС а е финансирана од УСАИД.
– Корупцијата ги поткопува темелите на демократијата и го попречува општествениот напредок. Заедно, можеме да создадеме средина каде што интегритетот напредува и етичките вредности се поддржуваат, рече Јоана Косма, директорка на канцеларијата на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во Скопје.
До крајот на годината предвидено е да се посетат вкупно 13 училишта во кои ќе се едуцираат учениците како да се искорени корупцијата во земјава.