Конференција на ОБСЕ: Преку заштита на слободата на медиумите, до заштита на демократијата

konferencija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поддршката на независното новинарство, решавање на предизвиците во дигиталната ера и подобрување на условите за слобода на медиумите се во фокусот на Деветтата Конференција за медиуми во Југоисточна Европа, насловена „На крстосница – Заштита на слободата на медиумите за заштита на демократијата“ во организација на претставничката за слобода на медиуми на ОБСЕ, во соработка со Мисијата на Организацијата во Скопје што се одржува денеска и утре.







Тереза Рибеиро, претставничка на ОБСЕ за слобода на медиумите, истакна дека слободата на медиумите е клучен сегмен на демократијата и е неопходна за слободно, безбедно и отворено општество.

– Кога новинарите се под притисок, порано или подоцна, демократијата, исто така, станува под притисок, и обратно, рече таа.

Рибеиро истакна дека безбедноста на новинарите е топ приоритет на ОБСЕ и посочи дека е вистински предизвик да се зачува слободата на медиумите во моменти кога медиумите се борат со егзистенцијална криза од економски причини.

Според Килијан Вал, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, овие предизвици ги има не само во регионот, туку и во целиот свет.

– Мислам дека е најсоодветно конференцијата да се одржи оваа година во Скопје, за време на претседателството на ОБСЕ во Северна Македонија, особено со оглед на важноста што претседавачот ја става на слободните медиуми и безбедноста на новинарите. Како поранешен новинар, сметам дека сето ова се прашања за кои многу се грижам, истакна Вал во видео обраќањето пред учесниците на дводневната конференција.

Шефот на Мисијата на ОБСЕ посочи дека историјата на унапредувањето на слободните медиуми илустрира дека оваа работа никогаш не е вистински завршена, а конференцијата е потсетник дека слободата на медиумите никогаш не може да биде сметана за завршена работа, туку е потребно постојано внимание.

Според заменик министерката за надворешни работи на Република Северна Македонија, Фатмире Исаки, слободата на медиумите, исто така, е една од основите на демократските општества, а независните новинари и плуралистичките медиуми се клучни за да обезбедат објективни информации на граѓаните.

Исаки истакна дека слободата на медиумите се соочува со многу предизвици, а безбедноста на новинарите се повеќе е загрозена поради онлајн нападите.

– Балансот помеѓу слободата на медиумите и безбедноста е деликатна работа, правниот одговор треба да биде избалансиран и не смее да се злоупотреби, рече таа.

Дополни дека како претседавачи на ОБСЕ, како што рече „целосно ја поддржуваме нивната работа“.

– Дојде времето да се подготвиме, да преземеме акција и да работиме кон овозможување на медиумска средина која промовира демократија, заштита на човековите права и владеење на правото, рече таа.

На дводневната конференција која се одржува во Скопје има панел дискусии, работилници, филмски проекции и други активности кои во фокусот, помеѓу другото, ја имаат слободата на медиумите, заштитата на правата на медиумските работници, саморегулацијата, дигитална писменост, говорот на омраза и дезинформациите, како и влијанието на вештачката интелигенција врз сите аспекти од работењето на медиумите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK