Хроничната кашлица, еден од најчестите предизвици за лекарите

predavanje_struga_34534543
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Хроничната кашлица кај децата, е еден од најчестите предизвици со кои се соочуваат лекарите. За подобра дијагностика, но и поефикасен третман околу 230 педијатри, од земјава и од странство изминатите три дена во Струга разменија мислења и искуства на првиот симпозиум на Македонското педијатриско респираторно здружение.







Претседателката на здружението, професор доктор Татјана Јаќовска од Институт за белодробни болести кај децата во Козле, информира дека позади хроничната кашлица може да стојат многу причини. Хронична кашлица, појасни докторката, кај дете е ако кашла повеќе од четири недели, а возрасен повеќе од осум, за што педијатрите и матичните лекари треба да се насочат да увидат што се крие во позадина на проблемот.

– Дијагностиката е многу важна, а понатаму кога ќе знаеме со што се справуваме следува и терапија. Имавме размена на искуства, не само теоретски, имаше и практични делови. За мене е многу важна комуникацијата меѓу сите здруженија на Балканот, но и пошироко. Да се поврземе, кадарот да циркулира и да разменуваме искуства. Да пробаме на Балканот да ставиме некои насоки, протоколи за одредени респираторни болести, истакна Јаќовска

Иако имаат протоколи за лекување, сепак, нагласи, лекувањето на хроничната кашлица е индивидуално.

– Кај пациентите имаме индивидуален пристап, нема копи пејст терапии. На шест месеци се прават реевалуации, дали одговара дадената терапијата, доколку не се пробува со нешто ново. Да се погоди терапијата за секој пациент, посочува доктор Јаќовска.

Во однос на проблемот со респираторната кашлица, која е доста честа кај новороденчињата и доенчињата, но и малите деца, професорката Силвана Наунова Тимовска и претседател на Здружението за неонатологија, како дел од тимот за интензивна нега во Детската клиника, рече дека на симпозиумот слушнала знаења, кои ќе и користат во секојдневната пракса, но и оти ќе ги сподели со тимот, со цел да придонесат за здравјето на децата.

– Најголем предизвик е да се работи токму со најмалите деца, со новороденчиња и доенчиња, бидејќи кај нив суфициентен е говорот, самата возраст тоа не го дозволува. Затоа, тука е умешноста на самиот лекар, многу поткованост, многу размислувања, пациентот е пред нас и да можеме да препознаеме во однос на тоа кои симптоми ги има и да помислиме на сите можни решенија. Лесно е кога човек знае да каже и да те насочи. Затоа ни требаат вакви настани, каде што ќе споделиме искуства и ќе се надградиме во однос на знаењата, нагласи Наунова Тимовска.

Во секојдневната работа, посочи дека се соочуваат со различни предизвици. На прво место ги стави инфекциите, бидејќи кај сите новороденчиња, доенчиња и мали деца, целиот имун систем не е развиен, подолжни се на инфекции и многу брзо можат да од една лесна горна респираторна инфекција да се симне, да настане пневмонија, која е сериозно загрозувачка состојба и доколку не делуваме соодветно може да има поинаков исход.

На првиот симпозиум на Македонското педијатриско респираторно здружение учествуваа околу 230 експерти, од земјава и странство, меѓу кои и професори од Кембрич, Англија, Хрватска, Србија…

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK