Формирана Федерација на угостителско – туристички училишта

federacija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Федерација на угостителско – туристички училишта од регионот на Југоисточна Европа беше формирана денеска во Скопје, во рамки на дводневната конференција во организација на СУГС „Лазар Танев“. Целта, како што информираа, е покрај размена на ученици, да има и размена на професорски кадар на училишта од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Србија, Романија, Бугарија, Грција, Турција…







Според директорот на СУГС „Лазар Танев“, Небојша Вуковиќ, иницијативата била замислена да се обедини Балканот во смисла на угостителско – туристички училишта. Прераснала во момент кога почнале да стануваат заинтересирани училиштата од околните држави.

– Интересно е што во текот на вчерашниот ден имавме организација на целата документација што ќе биде важна за формирање на оваа Федерација и на моменти се вклучуваа и училишта што беа заинтересирани да ја погледнат иницијативата и веднаш пласираа барања за вклучување во Федерацијата. На наше големо изненадување, досегашната иницијатива е поддржана од училишта од Словенија, до Турција, па дури имавме вклучување и од Баку од Азербејџан, што беше еден прекрасен момент, нагласи Вуковиќ.

Тој појасни дека барањето и начинот на пристап кон самата Федерација, е навистина голем, затоа што нивната платформа, како што посочи, е малку различна од досегашните иницијативи.

– Она што ние го имаме зацртано е размена на ученици, што сите веќе вообичаено го работат, но, имаме формирано и размена на професорски кадар. Идејата и намерата стратешки поставена е создавање заедничка платформа за образовни профили. За да биде многу појасно, готвачите, професорите по готвење во Бурса би можеле да дојдат во Скопје во период, да речеме, од 10-15-20 дена да држат настава, на место на колегите наши, кои за тоа време ќе бидат во Бурса. Што значи дека, подготовката на наставниот кадар ќе мора да биде малку значително повисока, затоа што не е едноставно да се предава на туѓ терен. Од друга страна, иницијативата е поддржана од универзитетите, додаде Вуковиќ, истакнувајќи дека сега имаат многу идеи.

Вклучени училишта, како што откри директорот, има од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Србија, Романија, Бугарија, Грција, Турција.

– Поддршка имаме од француската амбасада, од Руската Федерација, од Азербејџан, вчера ни се приклучи училиште од таму. Бројот на вклучени земји се зголемува, подвлече Вуковиќ.

Тој беше прашан дали младите имаат интерес кон оваа професија и дали останува земјава атрактивна за задржување на овој кадар, дали треба нешто да промениме во образовниот процес затоа што гледаме дека сезонски доста млади, особено во овој сектор, заминуваат во други земји за поголема заработка.

– Сериозно големо прашање. Ние оваа година го сменивме пристапот кон уписот на ученици и уписната политика ја зацртавме некаде во септември. Буквално сите професори беа ангажирани во уписот на учениците уште во септември за оваа година. Што значи ова? Ова значи дека ние во септември направивме една програма за бесплатни курсеви што беа неделно за готварство, пекарство, слаткарство и послужување. На овие курсеви или обуки се вклучија околу 300 ученици од деветто одделение во основното образование. Тие во минатата недела и оваа, се посетители заедно со своите другари, коишто не ги посетувале курсевите, на отворени денови во училиштето што се одвиваат од 17 до 20 часот и се нарекуваат „На кафе со родителите во угостителско“. Досега, бројката е над 300, јас се надевам дека добар дел од тие ученици ќе размислуваат за да се запишат кај нас. Од друга страна, училиштето создаде менторирана паралелка, избор од најдобрите ученици во училиштето и со таа паралелка работат универзитетски професори коишто држат предавања во училиштето по основ на договори, меморандуми, бесплатно, одговори директорот на училиштето.

Вуковиќ рече дека имаат среќа што добиле сериозно голема поддршка од институциите, од стопанството.

– Стопанските субјекти нѐ поддржаа во сите можни настани што ги организиравме на каков било начин, дали со материјална поддршка, дали со морална, луѓето беа тука. Ја сфатија сериозноста на образованието, дека без образованието, немаме кадар. Имаме поддршка од Министерството и од Град Скопје, додаде Вуковиќ.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK