Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против управителот на фирмата Пин Петрол, против вработена во АД за поштенски сообраќај Пошта на Северна Македонија и против вработена во Јавното претпријатие за државни патишта за злоупотреба на службена положба и овластување, проневера во службата и несовесно работење во службата.
Управителот е осомничен дека не уплаќал пари на Јавното претпријатие за државни патишта за период од 01.08.2019 до 30.09.2024 година.
„Првопријавениот Д.П. во својство на управител и одговорно лице во правно лице Пин Петрол ДОО Куманово, кое врши работи од јавен интерес согласно Законот за возила на РСМ, иако бил свесен дека од страна на правниот субјект Пин Петрол ДОО Куманово не се врши редовна и перманентна уплата на парични средства по основ на надоместок за јавни патишта кон Јавното претпријатие за државни патишта согласно месечните извештаи за ставки од Регистрација според вид и подкатегорија на возила од надоместокот за Јавни патишта, ја злоупотребил својата службена положба и овластување доверена од Јавното претпријатие за државни патишта со Договор за извршување работи за наплата на надоместокот за употреба на јавните патишта (патна такса) а за кој претходно правното лице Пин Петрол ДОО Куманово има добиено овластување од Министерството за внатрешни работи на РСМ да врши технички преглед на возила, на начин што спротивно на обврските од Договорот не извршил контрола и не преземал никакви мерки и дејствија за реална уплата кон Јавното претпријатие за период од 01.08.2019 до 30.09.2024 година“, соопшти финсиската полиција.
Второпријавената Г.С.П. во својство на службено лице, во АД за поштенски сообраќај Пошта на Северна Македонија во државна сопственост – Скопје, Договорна пошта Куманово со правниот субјект ПИН ПЕТРОЛ ДОО Куманово, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, наплатените парични средства од правни и физички лица на име надоместок за јавни патишта, ги присвоила за себе, наместо истите да ги уплати на сметката на Јавното претпријатие за државни патишта.
Третопријавената Н.С. во својство на службено лице во Јавното претпријатие за државни патишта, постапила несовесно при вршењето на своите овластувања и должности на начин што пропуштила должна контрола и надзор на разликата помеѓу приливите од станицата за технички преглед Пин Петрол Куманово по основ Патна такса и покрај тоа што на увид ги имала месечните извештаи од станицата за технички преглед каде е наведено колкав износ по горенаведениот основ е наплатен од нивна страна, со што предизвикала штета на Буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.
Со горенаведените дејствија, пријавените предизвикале штета на Буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта во вкупен износ од 22.294.343,00 денари.