Ексминистерот за здравство, Венко Филипче, објави дека одлучил да се кандидира за претседател на СДСМ, на претстојните внатрепартиски избори.
Тој оцени дека СДСМ е соочена со голем предизвик и ги поминува веројатно најтешките моменти од нејзиното основање. Ова е време, вели Филипче, кога многумина се прашуваат дали СДСМ ќе опстане и каква е иднината на партијата.
„Јас силно верувам дека поразот треба да ни послужи како моќен катализатор за промени и обнова. Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на ниво кое го заслужува. Да создадеме организација која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок. Мораме да учиме од нашето минато, да ги отстраниме сите недостатоци и да излеземе посилни и пообединети од кога било досега. СДСМ отсекогаш бил и останува столб на демократијата, правдата и напредокот. Силен СДСМ им е пред сѐ потребен на граѓаните како коректив на политиките и насоката во која се движи земјата“, рече Филипче.
Тој најави дека во наредниот период ќе се посвети на дискусии и средби со членови и поддржувачи на СДСМ, но и низа поединци, групи и организации. Сака да ги слушне сите размислувања и идеи кои ќе помогнат СДСМ да се врати на победничките патеки и гордоста на нивните членови.
„Ветувам дека ќе водам кампања со највисока почит кон моите противкандидати. Сите ние сме пред сѐ пријатели и колеги и имаме заедничка цел – посилен и подобар СДСМ. Ова мора да биде натпревар на идеи и визии, а не бојно поле на лични напади. Нашата заедничка цел е да го зајакнеме СДСМ и да им служиме на граѓаните, затоа мора да пристапиме со единство и меѓусебно почитување. Во овој дух, по затворање на рокот за кандидирање, ги поканувам сите кандидати на заедничка средба да ги договориме правилата на фер и демократска кампања во која на крајот сите ќе излеземе и помудри и пообединети“, рече Филипче.
Филипче е трет кандидат за лидер на СДСМ . Својата кандидатура досега ја најавија и министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски. Се споменуваат и имињата Стефан Богоев, ниту Александар Бајдевски, како потенцијални кандидати за претседател на партијата, но нивната кандидатура не е потврдена.