Техничкиот премиер Талат Џафери по денешниот отчет за сработеното во првите 100 дена од Владата која ја предводи, даде објаснување за порасната трева околу Владата за што имаше многу реакции од граѓаните. Одговарајќи на новинарско прашање за тревата, Џафери објасни дека тоа е обврска на Град Скопје, па од таму и изборниот резултат на партијата која ја предводи градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.
„Разбирам дека има реакции по тоа прашање. Според процедурите и прописите, земјиштето е сопственост и надлежност на Градот Скопје. Според договореното и обврските ‘Паркови и зеленило’, како јавно претпријатие кое се грижи за изгледот на градот, е надлежно за таа работа. Владата ниту има предвидено средства ниту пак може да предвиди средства за работи кои се надлежност на друга институција. Во тој контекст, јас жалам што излезе така, но секако и на изборите соодветен одговор доби и градоначалничката на Градот Скопје по однос на изборниот резултат. Граѓаните гледаат, граѓаните оценуваат, вреднуваат и си го дадоа својот одговор“, рече Џафери.
Нова алтернатива, партијата која на изборите ја предводеше градоначалничката Данела Арсовска освои 3.516 гласа, односно 0,35 отсто од гласовите на запишаните избирачи.