Африм Гаши има поддршка од ЗНАМ за претседател на Собранието. Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, пред почетокот на денешната конститутивна седница во парламентот, одговарајќи на новинарско прашање каже дека ќе го поддржат Гаши.
Димитриевски вели дека има големи очекувања од новиот парламентарен состав, а се надева и дека ќе дадат свој придонес и како партнери во новата влада.
„ЗНАМ очекува многу од овој парламентарен состав. Верувам дека како потенцијален партнер во идната власт ќе дадеме свој придонес со нашето политичко делување бидејќи веќе сериозно разговараме за имплементација на дел од нашите програмски определби во иднината влада. Немаме договорено никакви кадровски решенија. Се уште разговараме на платформи“, рече Димитриевски.
Нагласи дека за неговата партија во втор план е поделбата на власта и министерските позиции, а во прв план им е сето она што го ветиле на граѓаните во предизборниот период.