Девет општини добија грантови за развој на социјални услуги за помош на стари и немоќни лица и лица со попреченост


grantovi-razvoj.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денеска потпиша договори за грант доделени преку Првиот јавен повик за развој на социјални услуги на локално ниво, во рамки на Вториот проект за подобрување на социјалните услуги.


На потпишувањето присуствуваа градоначалници и претставници на граѓански организации – партнери во реализацијата на грантовите, преку кои во повеќе општини низ државата ќе се воспостават и унапредат социјални услуги, согласно потребите на локалното население.

Со доделените грантови се поддржува развојот на достапни, квалитетни и одржливи социјални услуги во локалната заедница, приспособени на потребите на корисниците и насочени кон подобрување на нивниот квалитет на живот.

Во рамки на грантовите ќе бидат воспоставени и развиени следните услуги:

Помош и нега во домот за стари и немоќни лица во општините Гази Баба, Петровец, Сарај и Валандово;
Дневни центри за стари лица, со фокус на активно и достоинствено стареење, во општините Пласница, Боговиње и Јегуновце;
Дневни центри за лица со попреченост, со индивидуализиран пристап и соодветна поддршка, во општините Прилеп и Кривогаштани.

„Со потпишувањето на овие договори правиме конкретен чекор кон приближување на социјалните услуги до граѓаните. Нашата цел е поддршката да биде достапна таму каде што е најпотребна – во локалната заедница, во средината во која живеат корисниците. Истовремено, ја зајакнуваме улогата на општините и граѓанските организации како важни партнери во развојот и обезбедувањето на квалитетни социјални услуги“, истакна министерот Велковски.

Потпишувањето на договорите претставува конкретен чекор во унапредувањето на системот на социјална заштита и продолжувањето на процесот на децентрализација на социјалните услуги, преку зајакнување на капацитетите и улогата на локалната самоуправа и граѓанскиот сектор.

Особено значајно е што поддршката е насочена кон услуги кои се поблиску и подостапни до корисниците во нивните локални заедници, со што се создаваат услови за навремена, континуирана и соодветна поддршка за старите лица, лицата со попреченост и семејствата на кои им се потребни овие услуги.

Преку Вториот проект за подобрување на социјалните услуги, Министерството за социјална политика, демографија и млади продолжува да ги поддржува локалните заедници во развојот на социјални услуги кои одговараат на реалните потреби на граѓаните и придонесуваат кон поинклузивен, подостапен и одржлив систем на социјална заштита.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK