Демократскиот сојуз: До крајот на оваа недела ќе информираме со кои партии ќе настапиме на изборите, важно е да се поразат СДСМ и ДУИ

Демократски сојуз: Минимална пензија – 300 евра
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Демократскиот сојуз објави дека до крајот на оваа недела јавноста ќе биде информирана за тоа како и со кои партии ќе настапат на изборите, но тоа нема да бидат СДСМ.


„Во интерес на државата и граѓаните е да се формира широк промакедонски опозиционен блок, преку кој граѓаните ќе ги поразат погубните и анационални политики на ДУИ и СДСМ“, велат од партијата на Павле Трајанов.

Како што се додава, коалицијата со СДСМ ја напуштиле пред една година, поради неисполнување на коалицискиот договор и погрешните политики на СДСМ, пред сѐ блокадата на измените на Изборниот законик со кој предлагаат Македонија да биде една изборна единица, противењето на реформи во правосудниот систем, високата криминализација и отсуството на борба против високата корупција, непринципиелната коалиција при реконструкцијата на владата и неводењето сметка за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во власта, како и блокадата на евроинтеграциските процеси со прифаќање на Преговарачката рамка без поширок граѓански и политички консензуз.

„Инаку, за соработка и заеднички настап на претстојните парламентарни избори Демократскиот сојуз има приоритети меѓу кои се: темелни уставни реформи со донесување на нов Устав (без Бадентер и Балансер), реформи во судскиот систем и реизбор на судиите и обвинителите, изградба на ефикасен систем за борба против корупцијата и формирање Агенција за борба против тешките облици на криминал, вклучување на младите во власта (најмалку 30% во советите на општините и парламентот) и посебни предуслови за отворање на бизнис, реформи на администрацијата (укинување на 50% од министерствата, агенциите, регулаторните тела итн.), намалување на бројот на пратениците на 90, но и Македонија да биде една изборна единица, како круцијален предуслов за демократизација и промена на власта“, велат од Демократскиот сојуз.

Додаваат дека остануваат на нивните цврсти партиски определби за полноправно членство во ЕУ, продолжување на реформите во одбраната како членка на НАТО и водење надворешна политика согласно нашите стратешки цели и интереси усогласена со политиките на ЕУ и стратешките партнери, пред сѐ на САД.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK