Министерот за здравство Илир Демири денеска оствари прва официјална средба со претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција Ди
Џовани на која што разговараа за заедничките активности за зголемување на ефикасноста и ефективноста на здравствените услуги.
Демири, ги информираше претставниците од УНИЦЕФ за моменталната состојба со епидемијата на голема кашлица во градот Скопје и за препораките што се донесени со цел сузбивање на епидемијата.
На средбата, беше искажана загриженоста во однос на нискиот опфат на вакцинација против голема кашлица, а исто така се дискутираше и за вакцинирањето со другите вакцини од Задолжителниот календар на имунизација. УНИЦЕФ ја изрази својата подготвеност да продолжи со поддршка за зајакнување на здравствениот систем и спроведување комуникациски активности за да се врати довербата во здравствениот систем и вакцините. Во тој контекст, значајно е и воведување на систем за управување со дезинформации и погрешни информации во врска со вакцините и процесот на вакцинација во Министерството за здравство.
Демири и Ди Џовани разговараа и за годишниот Планот за соработка за 2024-та година во делот на имплементација на перинаталниот мастер план, педијатрискиот мастер план, како и за другите компоненти од здравствениот систем, со фокус на мајки и деца.