Во организација на Институтот за демократија денеска ќе биде одржана дебата посветена на формите на корупција присутни во високото образование и улогата на студентите во борбата против неа.
-Високото образование не е изолирано од корупција и е проблем кој што се привлекува низ годините. Измените на Законот за високото образование донесоа промени кои пропишуваат назначување на антикорупциски офицер при јавните универзитети, исчекор кој што требаше да донесе промени во борбата со корупцијата на универзитетите. Но и покрај легислативните измени, формите на корупција се непрепознаени од студентите. Дополнителен проблем е и непознавањето на постапките за пријавување и големиот страв кај студентите од последиците по пријавување на корупција, се вели во најавата од Институтот за демократија.
На настанот се поканети претставници на Министерството за образование, Студентското собрание при УКИМ, Државната комисија за спречување на корупцијата и телата на универзитетот св. Кирил и Методиј за спречување на корупцијата.
Настанот е организиран како дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ кој цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото, а за остварувањето на оваа цел проектот предвидува соработка и консултација со сите релевантни чинители. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.