Дебата: Корупцијата е еден од факторите за лошиот резултат на нашите универзитети на рејтинг листите

debata-korupcija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Високото образование не е изолирано од корупција, тука таа е севкупно присутна во нашиот образовен систем, и таа е еден од факторите кои придонесуваат за опаѓачкиот рејтинг на нашите универзитети во споредба со другите во светот. За справување со овој феномен најнапред потребно е да се воспостават механизми и да се информираат и едуцираат студентите и академскиот кадар каде да пријавуваат корупција.







Ова беше посочено од дел од учесниците на дебатата во организација на Институтот за демократија Социетас Цивилис (ИДСЦ) посветена на формите на корупција присутни во високото образование и улогата на студентите во борбата против неа.

Извршната директорка на Младинскиот образовен форум (МОФ) Теодора Столевска истакна дека корупцијата која повеќе ги засега студентите, е присутна, како што вели, при прераспределба на студентски легла, при несоодветна распределба на студентски стипендии, а кај професорите и техничкиот кадар, се препознава кај оние класични продавања на книга за повисока оцена. Но, наведува Столевска, истовремено корупцијата е присутна и кај студентите преку тоа дека многу често се продаваат и купуваат прашања за испити, многу често се користат плагијати при пишување на магистерски и докторски трудови.

-Прашањето што е она што треба да биде направено е најнапред треба да се воспостават механизми и да се информираат и едуцираат студентите и академскиот кадар каде да пријавуваат корупција. Последното истражување што го направивме за корупција во студентските домови увидовме дека 40 проценти од студентите се соочиле со корупција, но 89 отсто од студентите дури и ако се соочиле не знаат каде да ја пријават. Што значи дека најнапред треба да се креираат механизми, да се едуцираат младите студенти и академскиот кадар за како да се користат овие механизми и на крај да следат последиците и резултатите од пријавите по тие механизми. Само на таков начин со вакви доследно практикувани политики кои ги адресираат сите засегнати страни – и државните институции и академскиот кадар и самите студенти, само тогаш би се решиле со проблемот на корупција, подвлекува Столевска.

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција Билјана Ивановска вели дека од бројните пријави што ги добиваат од делот на високото образование произлегува дека таму постои негативна селекција, клиентелизам, непотизам, а она што им паѓа во очи е што пријавите секогаш ги добиваат од анонимни пријавители, односно професори од факултет.

-Јас сакам да ги поттикнам сите професори кои доставуваат анонимни пријави кај нас, тоа не е никаков проблем, меѓутоа да излезат од анонимноста и да почнат малку појасно и гласно да се борат затоа што има критична маса на универзитетите која што би можела да се справи со корупцијата, но таа е некако многу потисната. Затоа ги охрабрувам сите оние што пријавуваат кај нас да бидат малку поактивни и во своите институции и да ги охрабрат и студентите затоа што студентите се посебна сила. Од студентите се почна, така беше и во 2015-16 со студентските протести. Тие се нашата иднина и навистина мора да се грижиме за нив, вели Ивановска која додава дека образованието како сектор целосно е опфатено со Националната стратегија за борба против корупција во која се предвидени мерки за зајакнување на институциите коишто го следат квалитетот на образованието.

Таа вели многу пријави не добиле од студенти. Тие можат да поднесуваат поплаки и жалби на универзитетите, меѓутоа, прашањето е што понатаму, кој ги следи и како тие понатаму ќе се изборат за своите права. -Многу е тешка состојбата. Студентите никогаш не ги навредува строг критериум, туку секогаш ги навредува нееднаков критериум. И тоа е проблемот што имаме на таков начин негативна селекција, посочува првиот човек на ДКСК.

Во однос на тоа колку институциите се подготвени да се борат со овие облици на корупција и дали има некаква институционална завршница, што е со процесуирањето, Ивановска наведува дека ваквите пријави тие ги процесуираат таму каде што може. Проблем е вели и задоцнетото пријавување на вакви предмети, што не може ништо да се преземе бидејќи делото е застарено, па дури и Обвинителство го отфрла поради застареност, но и отфрлање на нивни иницијативи иако постои законска основа за нивно процесуирано, посочувајќи го при тоа примерот со ректорскиот додаток.

– Сме работеле за изборот на ректорот и користење на неговите привилегии. Навистина утврдивме дека постои законско прекршување бидејќи во Законот точно е дефинирано дека ректорот професионално ја извршува функцијата дека тој за својот работен однос склучува договор со Сенатот. Во тој договор за претходниот мандат договорот беше вака така, но меѓутоа сега беше точно напишан како по порачка дека ректорот си добива ректорски надоместок, дека си зима плата… Значи слика и прилика на сегашниот ректор. Нашата иницијатива Јавното обвинителство експресно ја отфрли, тоа е најбрзо решавање по наш предмет и со образложение со истите зборови што ректорот ги кажа. Тука препознавме и негово влијание бидејќи потполно истото беше напишано. За да не се мисли дека субјективно постапуваме, ние испративме до сите универзитети на кој начин и како ректорите зимаат надоместоци. Испадна дека сите ректори зимаат ректорски надоместок иако за професионално извршување на функцијата зима плата. Побаравме МОН да постапи за доследно спроведување на Законот, но и од таму добивме одговор многу чуден во смисла дека се е во ред, појаснува Ивановска.

Миша Поповиќ од ИДСЦ истакна дека корупцијата во високо образование е важна на два начини бидејќи е важно во овој сектор младите генерации да не ја сведочат корупцијата за да градиме индивидуи кои се спремни да се спротивстават на корупцијата, и затоа што едно современо општество зависи од квалитетот на науката и на образованието.

-Постои можност корупцијата да го намали квалитетот и на образовниот процес но и на научниот процес и начинот на креирање знаења во општеството преку најразлични форми како непотизам, клиентелизам кај професорскиот кадар или злоупотреба на средства со што се намалува обемот на фондови коишто се користат за развој на образовниот и научниот процес. Токму заради тоа, а сега во очи на изборот на нов ректор на УКИМ сметаме дека е важно да се позборува за проблемот со корупција во високото образование, вели Поповиќ.

Запрашан колку студентите се подготвени да пријават корупција, тој посочува на повеќе истражувања што укажуваат дека, за жал, младата генерација во просек изгледа е помалку спремна да се спротивстави на корупцијата од оние што се малку постари.

-Најразличните рејтинг листи на тоа каде се наоѓаат нашите универзитети во споредба со другите во светот кажуваат за квалитетот на високото образование во земјата. Корупцијата е еден од факторите коишто влијаат за споредбено лошиот резултат со некои други универзитети во регионот, вели Поповиќ во контекст на квалитетот на образованието.

Настанот е организиран како дел од проектот „Поттикнување на јавната дебата за антикорупција“ кој цели кон поддржување на реформскиот процес во Северна Македонија преку зајакнување на реформската агенда во областа на владеењето на правото, а за остварувањето на оваа цел проектот предвидува соработка и консултација со сите релевантни чинители. Проектот е поддржан од Националниот фонд за демократија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK