Назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата во Северна Македонија, бележи најновиот извештај „Државите во транзиција“ (Nations in Transit) на организацијата „Фридом хаус“. Оценката во Извештајот бележи опаѓање – од ланската 3.86 на 3.79.
Се наведува дека надежите се зголемиле во 2017 година по симнувањето од власт на антидемократскиот премиер Никола Груевски, но не се преземени значајни чекори за елиминирање на корумпираните мрежи на дејствување. Забележано е и тоа што ниту Груевски, ниту пак неговите најблиски соработници не беа изведени пред лицето на правдата за нивните злоупотреби на функцијата.
„За разлика од Украина или Молдавија, Северна Македонија не презеде големи чекори за елиминирање на корумпираните мрежи, а моќта продолжи да осцилира меѓу коалициите на исти групи партии“, се вели во Извештајот.
Со контроверзните измени на Кривичниот законик во 2023 година, како што се забележува, се намалија казните за таквите злоупотреби предизвикувајќи да бидат отфрлени важни случаи, додека јавноста веќе се оптоваруваше од фатални корупциски скандали во здравствениот сектор.
„Рејтингот за судска рамка и независност се намали од 3,25 на 3,00 поради лошото работење на Државниот судски совет и наводите за непотизам при именувањата на обвинители и судии“, се вели во извештајот.
Понатаму се додава дека судството и натаму е една од најкритикуваните и најнедоверливи институции во Македонија. Забележани се контроверзи околу смената на лидерот на Советот на судии, назначување на нови обвинители и судии со семејни врски.
Извештајот нотира и дека имало поларизирачка парламентарна дебата за уставните амандмани кои се услов за интеграцискиот пат на земјата во ЕУ.
Северна Македонија е во групата циклични хибриди заедно со БиХ, Црна Гора, Албанија и Ерменија, за разлика од Косово, Украина и Молдавија кои се во групата демократизирачки хибриди. Србија, Унгарија и Грузија се во групата автократизирачки хибриди.