Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски остварија работна посета на Секторот за меѓународна полициска соработка (СМПС) во кругот на МВР, во рамки на посетите на организициските единици на БЈБ и МВР, со цел увид во досега постигнатото и мапирање на идните активности. Притоа, тие остварија средба со раководството на Секторот за меѓународна полициска соработка, со началниците на Одделението за ЕВРОПОЛ, Одделението за ИНТЕРПОЛ и Одделението за потраги. Улогата на оваа организациска единица е да врши меѓународна координација на органите за спроведување на законот кои се надлежни за откривање и гонење на сторители на кривични дела, а кои се во полето на меѓународната полициска соработка.
Од страна на раководството на СМПС, Бојмацалиев и Тасевски беа брифирани за резултатите од 2017 до 2024 година, односно за приведени над 7.000 лица по централни потерници и расписи.
Во оваа прилика Бојмацалиев ја потенцираше успешната организација на 50. Европска регионална конференција на ИНТЕРПОЛ, на која Република Северна Македонија минатата година беше домаќин во Охрид, што се совпадна со одбележувањето на 30-годишнинатата од нашето членство во најголемата полициска организација во светот и 100 години постоење на ИНТЕРПОЛ. Република Северна Македонија бележи три децении кредибилно партнерство на ИНТЕРПОЛ со учеството во бројни операции на организацијата, како и силна поддршка за развој, поврзување и усогласување на националниот форензички систем со системите на ИНТЕРПОЛ. На средбата Бојмацалиев и Тасевски беа информирани за успешната модернизација на комуникацискиот систем на Националното централно биро на ИНТЕРПОЛ.
Во однос на ЕВРОПОЛ, Европската Агенција за спроведување на законот, бележиме одлична соработка во повеќе области од заеднички интерес, како што се спречувањето на недозволена трговија со дрога, шверц со оружје борбата против илегална миграција, борба против корупција, како и сајбер безбедност како форма на современ безбедносен предизвик. Северна Македонија и Министерството за внатрешни работи се сериозен партнер во борбата против криминалот, а нашата држава е прва земја потписничка на Договорот за оперативна и стратешка соработка со ЕВРОПОЛ. На средбата Бојмацалиев и Тасевски беа информирани за значителното зголемување од 45% на отворени предмети на ова одделение, како и за поврзаноста со SIENNA комуникациската алатка за која нашите вработени се обучени и можат да вршат обуки.
На крајот од средбата Бојмацалиев и Тасевски изразија благодарност до раководството на Секторот за меѓународна полициска соработка при БЈБ, при што посакаа уште многу успеси во полициското работење кое е во нивна надлежност.