Николче Бабовски, директор на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) и Генерален секретар на регионалното претставништво на Светската организација за здравствена заштита на животните за Европа – WOAH, денес и утре, во Тирана Република Албанија, учествува на петтиот состанок на Форумот за комуникација и соработка на директорите од Западен Балкан на проектот “Развој на капацитетите на ветеринарните и фитосанитарните служби на Западен Балкан” и на третиот состанок на Управниот комитет на Проектот. На дводневниот настан во Тирана, учествуваат претставници на Генералниот Директорат за здравје и безбедност на храната при Европската комисија, Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), претставници од делегациите на Европската унија (ЕУ) во земјите од Западен Балкан како и високи претставници од ветеринарните служби на Република Албанија, како земја домаќин, од Република Северна Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, од Грција и од Унгарија.
На состанокот, како што информираат надлежните, ќе биде разгледана актуелната состојба со болеста африканска чума кај свињите во ЕУ, превентивните и мерки кои се спроведуваат за нејзино ставање под контрола и искоренување, активностите и плановите на WOAH за контрола на оваа и другите приоритетни болести како што се птичјиот грип, беснилото и други, механизмите на Глобалната рамка за прогресивна контрола на меѓуграничните болести кај животните (GF TAD’s), а дефинирани ќе бидат и планираните активности на ова поле за идната година. Унапредувањето на регионалната соработка и интензивирањето на комуникацијата, на регионално ниво и пошироко, со цел ставање под контрола и искоренување на болестите кај животните останува приоритет за нас како институција и за државата во целина, бидејќи тие не познаваат граници, а некои од нив можат да бидат и се исклучително опасни и за луѓето – вели Бабовски.
Во однос на актуелната состојба со болеста африканска чума кај свињите ќе се разменат информации за предизвиците и контролата на болеста во земјите од регионот со акцент на појавата на болеста во близина на границите, користењето на националните бази на податоци за идентификација и регистрација и следливост и влијание врз контролата на болеста, убивање на животните и отстранување на труповите, превентивното колење како дополнителна контролна мерка и други сродни теми.
-На првата сесија на Форумот, покрај прашањата за состојбата со надзорот на болестите во Западен Балкан од А листата (кои задолжително се пријавуваат) и презентирање на состојбата со нив во периодот јуни – ноември годинава, презентирани ќе бидат и националните приоритети од областа на здравствената заштита на животните. На втората сесија, учесниците на Форумот ќе дискутираат за стратегијата за контрола и намалување на дивата популација за обезбедување на оптимална координација на националните ресурси во справување со болеста, како и за воспоставување на поактивна прекугранична соработка.