Министерот за здравство на заминување, Азир Алиу, не открива каде ќе продолжи да работи, но уверува дека ќе продолжи да придонесува за општеството, а најави и дека ќе внимава дали одат во правилна насока проектите кои тој ги почна. Посебно значајни за него денес рече дека се измените на Законот за органодарителството и дигитализацијата во здравството. Верува дека неговиот наследник, актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, ќе ги продолжи сите почнати проекти бидејќи досега работеле синхронизирано и се среќавале еднаш неделно.
„Секој млад денеска станува со телефонот во рака и се информира што се случува во државата. Затоа ценам дека треба да се продолжи со дигитализацијата. Јас и после таа недела ќе вложам напори, индиректно оти нормално, директно не можам да креирам политики, но ќе вложам напори. Еве ви кажувам дека ќе бидам и гласен за нешто што јас длабоко верувам дека треба да се продолжи ако не се продолжи јас гласно ќе ве викнам на прес- конференции, надвор од Министерството, за да ви кажам дека тоа што се случува не е во правилна насока. Дали ќе бидам слушнат, тоа е друго прашање“, рече министерот Алиу.
Со измените за органодарителството треба да се продолжи оти во овој момент, според министерот има 168 пациенти кои чекаат бубрег, 37 пациенти кои чекаат срце, 12 црн дроб и 23 чекаат за рожници. Измените имаат цел да поттикнат и да олеснат дарување органи, па затоа Алиу смета дека ова е најхуманиот Закон од вкупно 14 кои сега се во процедура.
Алуи најави ќе каже каде ќе продолжи да работи откога ќе ја предаде министерската функција на Клековски, следната недела. Уверува дека нема да шета по држави и паркови туку ќе продолжи да придонесува за општеството.
„ Јас не планирам утре да се пензионирам и да шетам по државите надвор или по паркови туку планирам да придонесам кон општеството“, рече министерот Алиу.
Азир Алиу беше избран за министер за здравство во Владата на Христијан Мицкоски во јуни минатата година. Неговото назначување предизвика лавина реакции. На премиерот Мицкоски јавноста и опозицијата му забележуваа што за прв човек во Здравството постави информатичар.