Агенцијата за медиуми објави извештај за предизборното претставување

356269-mediumite-vekje-ne-se-uslov-za-odrzhuvanje-na-izborite.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги денес го објави Извештајот од мониторингот на медиумското претставување за претстојните претседателски и парламентарни избори, за периодот од 15 февруари до 7 март 2024 година.


Со мониторингот беа опфатени девет национални телевизиски програмски сервиси – МРТ1, МРТ2, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа, ТВ Канал 5, ТВ Сител, ТВ Телма, ТВ 21-М и ТВ 24 Вести. Во извештајот се анализирани прилозите во централните изданија на вестите/ТВ дневникот, поврзани со теми за предизборието и со домашните актуелни општествено-политички случувања, како и другите видови емисии од овој тематски делокруг.

Наодите од мониторингот покажаа дека во овој период не се констатирани прекршувања на одредбите од Изборниот законик.

„На програмските сервиси ретко беа забележани новинарските информативни прилози во контекст на партиски предизборни ветувања, а мошне чести беа нагласени критичките прилози за постојните, тековни општествено-политички последици од недоволно обмислени, лошо менаџирани политики на претходната и на одредени структурни делови од составот на преодната Влада“, велат од АВМУ.

Забележани се различни степени новинарска критичка зрелост во односот кон „псевдонастаните“ што во предизборието, како активен облик на самопромоција ги организираат партиите и одредени носители на јавни функции во составот на преодната Влада. Без исклучок – сите информативни редакции, доминантно покажаа интерес за темите поврзани со административните лавиринти за замена на документите за лична идентификација, каскадната одговорност за системска негрижа околу пациенти со ретки и/или со тешки заболувања, и навредливата реторика и политичката некултура во комуникацијата меѓу некогашни носители на јавни функции и медиумските работници.

Информирање за лицата со сетилна попреченост единствено обезбедија МРТ 1 и ТВ 24 Вести.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK