Судиите мора да бидат ослободени за да можат да го практикуваат правото, изјави американската амбасадорка Анџела Агелер во обраќањето на Меѓународна конференција на тема „Уставно-судска заштита на слободата на мислата и слободата на јавно изразување на мислата“, организирана од Уставниот суд по повод 60 години од неговото основање со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Таа рече дека во САД и во Северна Македонија, Уставниот суд е суштински значаен за транспарентно и правично општество, а судиите треба да бидат слепи за политичките влијанија и да се држат до начелата кои што се втемелени во нашите устави.
„Американскиот уставен судија се уште смета дека нашиот Устав не е напишан во песок за да може да се измие со секој бран од нови судии кои што се под влијание на политички бранови. Притисокот кој што е ставен врз судиите во овие судови може да биде огромен. Ние како граѓани инстистираме притисоци да бидат елиминирани и нашите судии секогаш да бидат независни без оглед на нивното потекло и лични мислења“, рече Агелер.
Агелер заклучи дека притисокот врз судската власт во Северна Македонија е нешто што мора да престане.