ТВ Такси 28 во борба против дискриминацијата поради различна сексуална ориентација и родов идентитет

taksi_28_234236
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Новата епизода на серијалот ТВ Такси 28, Стрезо зборува за борбата против дискриминацијата поради различна сексуална ориентација и родов идентитет и ги преиспитува ограничувањата на општествената рамка низ уметноста на фотографката Ерина Проданова Богоева, подкастот на програмерот и диџеј Дејан Сламков и секојдневната работа на Ивана Костовска, социјален работник во Сигурна куќа за ЛГБТ лица.







„Родовите приказни низ објективот“ на фотографката Ерина Проданова Богоева

Фотографката Ерина Проданова Богоева за настанувањето на последната изложба вели дека имала потреба да ги раскаже приказните на многу инспиративни луѓе од дрег супкултурата и ЛГБТ лица кои ги запознала и со кои имала интересни разговори. Била свесна дека изложбата ќе предизвика контроверзни коментари кај јавноста и ќе претставува извесна провокација но вели дека донекаде свеста за реакцијата што треба да ја очекува и била наметната.

„Мене ми беше важно јас да сум задоволна од фотографиите, луѓето што ги фотографирав да бидат задоволни, нормално ниедна фотографија не беше објавена без нивна дозвола, сите беа одобрени од нив. Мене ми беше поважно да биде успешна од уметнички аспект отколку дали ќе има некаква реакција во јавноста.“, вели Ерина во разговорот со Ана Зафирова и додава: „Прифаќањето води кон поубаво општество, поразнолико општество, а убавината на луѓето лежи во нивната различност. “

After party со Дејан Сламков

Подкастот „Save our children“ на програмерот и диџеј Дејан Сламков обработува ЛГБТ теми, а иако започна скромно, брзо стана препознатлив за локалната квир заедница. Авторот на подкастот вели дека ова е подкаст за обични луѓе, луѓе од секојдневието и нивните приказни, а го направил затоа што имал потреба да направи нешто за ЛГБТ заедницата во Македонија. Кога го почнал подкастот очекувал дека би можело да има некој негативен фидбек и мислел дека е спремен но не му било сеедно кога говорот на омраза ескалирал токму во родното Стојаково.

На прашањето од Ана „ Дали е удобно да си геј во Македонија“ вели дека е привилегиран затоа што не почувствувал хомофобија ни од родители, ни од пријатели ни на работното место но свесен е дека реалноста надвор од неговиот личен круг е тешка.

Животните приказни од Сигурната куќа за ЛГБТ лица

Во Сигурната куќа, која треба да биде дом или засолниште за луѓето кои се соочиле со дискриминација на база на секусална определба, има многу животни приказни кои зборуваат за дискриминацијата што ја трпат луѓето од ЛГБТ заедницата но социјалниот работник Ивана Костовска вели дека фокусот треба да биде на приказните кои го менуваат светогледот и раскажува за мајката која тргнала со предрасуди но подоцна станала поддршка за други родители. Целата епизода гледајте ја на видеото.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK