Просечно човечкото тело содржи 25 грама магнезиум, минерал кој е неопходен за животот на човекот и кој е задолжен за многу телесни процеси.
Истражувањата покажале дека магнезиумот има важна улога во регулацијата на невротрансмитерите, кои се задолжени за испраќање пораки до мозокот и целото тело, со тоа директно влијае на лачењето на хормонот на среќа – серотонин и е еден од есенцијалните минерали неопходни за функционалноста на мускулите, ефикасно делува против несоница и ја подобрува функција на нервниот систем.
Препорачаната дневна доза магнезиум е 400-420 mg за мажи и 310-320 mg за жени, кои се разликуваат според возраста.
Намирници кои се богати со магнезиум и обезбедуваат близу (или повеќе од) 20% од нашата дневна потреба се: блитва (варена), спанаќ (варен), семки од тиква, сусам, киноа, индиски ореви, семки од сончоглед, јачмен. Бидејќи растенијата ги добиваат своите нивоа на магнезиум од почвата содржината на магнезиум во храната зависи од нејзината состојба.
Постојат неколку форми на магнезиум, па затоа идеално би било да побарате совет од вашиот лекар за тоа која форма би била најсоодветна за вас.
Магнезиум глицинат
За многумина омилена форма на магнезиум е токму магнезиум глицинат. Поради тоа што се карактеризира со добра апсорбција и има најмала веројатност да предизвика дигестивни нарушувања.
Магнезиум глицинат е познат по неговата способност да влијае на нашето невролошко здравје. Истражувањата покажуваат дека 150 до 300 mg магнезиум глицинат (или измешан со магнезиум тауринат) земени неколку пати на ден покажале значително подобрување во случаите на депресија, анксиозност и губење на меморијата, но исто така е добра опција кога е во прашање обезбедувањето на најголем смирувачки ефект во вечерните часови и целокупна поддршка на расположението.
Магнезиум цитрат
Употребата на магнезиум цитрат е добра опција бидејќи помага да се олабави столицата, ако страдате од повремен запек, ова е веројатно вашата најдобра опција која истовремено добро се апсорбира. Истражувања покажале дека добро делува и за ублажување на симптомите на ПМС. Нивото на магнезиум и калциум кај жената варира во текот на нејзиниот менструален циклус. За време на предменструалната фаза, нивоата на магнезиум може да станат дефицитарни или на најниско ниво, а истражувачите веруваат дека магнезиум може да ги намали симптомите.
Магнезиум оксид
Магнезиум оксид најчесто се наоѓа во форма на таблети и е најчеста форма на магнезиум што може да се најде на пазарот. Бидејќи магнезиум оксидот има слаба биоразградливост, истражувањата покажуваат дека се апсорбира полошо од формата на цитрат или глицинат.
Магнезиум карбонат
Магнезиум карбонат е најпопуларен избор за многумина. Сепак треба прецизно да дефинирате за какви цели ви е потребен магнезиумот како додаток и каков резултат сакате да постигнете па заедно со вашиот лекар да одредите која форма на магнезиум е најсоодветна кога се работи за подобрување на вашето здравје.
М.Кизова