Стефан Давидовски ја објави својата нова песна „Ќе станам пак“, македонска балада која носи универзална порака за новите почетоци, вербата во себе и храброста секогаш да се движиме напред.
Давидовски се потпишува како автор на текстот, со придонес на Новица Коцев, додека музиката, аранжманот и продукцијата се дело на Мартин Данчев. Мастерингот го изработи Дарко Димитров.
„Песната започнува интимно, предводена од пијано и вокал, а постепено прераснува во побогата и подинамична звучна слика, со детскиот хор како еден од највпечатливите моменти во завршницата.
Најубавото за мене кај ‘Ќе станам пак’ е што секој може да ѝ даде свое значење. За некого тоа е нов почеток, за друг нова цел или едноставно потсетување да продолжи напред. Сакав песната да носи надеж и секој да може да ја пронајде својата приказна во неа“, вели Давидовски.
Во снимањето учествува Детскиот хор при ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ од Скопје, под подготовка и диригентство на Вера Ангеловска.
Песната е придружена со официјален видеоспот со минималистички и симболичен визуелен пристап. Белите платна, ракописот и светлината го градат визуелниот свет на „Ќе станам пак“ и ја надополнуваат нејзината порака.
Концептот и режијата се на Just Alex, а камерата и видеомонтажата на Ангел Павловски.
Со „Ќе станам пак“, Стефан Давидовски отвора ново музичко поглавје, со фокус на авторска музика и градење сопствен музички израз.
Песната е достапна на YouTube и на музичките стриминг платформи.