Софија Вергара на Инстаграм сподели објава за нарцисоидни мажи, која многумина ја поврзаа со неодамнешните тврдења на нејзиниот поранешен сопруг Џо Манганиело за нивниот брак.
„Кога имате работа со нарцис, не е важно колку се трудите околу него. Секогаш ќе ви замерува нешто, никогаш ништо нема да му биде доволно и секогаш ќе се обидува да ве прикаже како негативец“, се наведува во објавата, која прво ја споделил нејзиниот син Маноло, а потоа и актерката. Вергара не го именуваше Манганиело.
Актерот во мемоарите „Bloodlines“, кои излегуваат на 13 октомври, тврди дека нивниот однос се оладил додека се борел со сериозни здравствени проблеми. Во извадок објавен во списанието „Пипл“, тој наведува дека поради болеста изгубил речиси 30 килограми и во 2016 година бил итно опериран, при што му бил отстранет дел од цревата. Тврди и дека Вергара не сакала да го прегрне дури ни кога ја молел.
Двајцата имаат различни објаснувања и за причините за разводот.
Вергара во интервју за „Ел Паис“ во јануари 2024 година рече дека тој сакал деца, а таа не сакала повторно да стане мајка во повозрасни години.
Манганиело, пак, тврди дека се обидувале да добијат дете со медицински потпомогнато оплодување, но без успех. Според него, поради здравствените проблеми подоцна се откажал од идејата да стане татко.
Вергара и Манганиело ја објавија одлуката за развод во јули 2023 година, по седум години брак.