Семејното и родово базираното насилство не смее да остане затворено во рамките на семејството, ниту да се третира како индивидуален проблем. Тоа е сериозен општествен предизвик кој бара навремена реакција, системска заштита и координирано дејствување на сите надлежни институции. Токму овие прашања беа во фокусот на денешната панел-дискусијата на тема „Семејно и родово базирано насилство – од закон до пракса“, која ја организираше Општина Карпош, во рамки на програмските активности за унапредување на еднаквите можности меѓу жените и мажите.
Настанот, кој имаше за цел да поттикне отворена и суштинска јавна дебата, ги обедини претставниците на институциите, граѓанскиот сектор и стручната јавност, со заедничка цел – да се идентификуваат слабостите во практичното спроведување на законските решенија, да се разменат професионални искуства и да се предложат поефикасни механизми за превенција и заштита на жртвите. Панел-дискусијата официјално ја отвори градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој во своето обраќање ја истакна потребата од поголема институционална одговорност и активна вклученост на локалната самоуправа во справувањето со овој проблем.
– „Насилството не е само индивидуален или семеен проблем, туку сериозен општествен и социолошки предизвик, со директни последици врз безбедноста, здравјето и достоинството на граѓаните. Честопати, жртвите се соочуваат со страв од пријавување, институционални бариери, економска зависност и недоволна информираност за механизмите на заштита. Затоа е неопходно институциите да дејствуваат координирано и системски, а локалната самоуправа да има активна улога во подигнувањето на јавната свест, превенцијата и поддршката на жртвите“ – истакна Лукровски.
Градоначалникот нагласи дека Општина Карпош, преку политиките и програмските активности за еднакви можности меѓу жените и мажите, има јасна определба да ја мобилизира локалната заедница, институциите, граѓанските организации и Советот на Општината, со цел прашањето за семејното и родово базираното насилство да добие соодветно внимание и повисоко место на институционалната и државната агенда.
– „Како одговорна локална самоуправа, преку вакви иницијативи сакаме да поттикнеме поефикасни механизми за заштита и посилна општествена и граѓанска реакција. Нашата цел е да создадеме услови во кои секоја жртва ќе може навремено да побара помош, да биде слушната и да добие соодветна институционална поддршка“ – порача Лукровски.
Во дискусијата учествуваа Снежана Смилевска од Организацијата на жени на Град Скопје, која раководи со СОС-линијата и шелтер-центарот, Елизабета П. Петковска, самостоен стручен соработник во ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи – Град Скопје, Билјана Јеремиќ, началничка на Одделението за семејно насилство при СВР Скопје, Тиана Ивановска, психолог и гешталт психотерапевт, како и м-р Тина Васков, клинички невропсихолог и сопственик на центарот „Когниција“.
Заклучокот од денешната панел-дискусија е дека законската рамка мора доследно да се применува во практиката, институционалните механизми да функционираат навремено и ефикасно, а поддршката за жртвите да биде континуирана и достапна.