Познатата четворка од Ливерпул се враќа на големото платно, објави во вторникот „Сони пикчерс“ појаснувајќи дека секој член на легендарниоТ бенд „Битлси“ ќе биде овековечен во биографски филм на големото платно во режија на Сем Мендес.
„Првпат издавачката куќа на ‘Битлси’, Apple Corps Ltd., Пол Макартни, Ринго Стар и семејствата на Џон Ленон и Џорџ Харисон ги доделија правата да ги користат нивните животни приказни и музика за сценарио и снимање филмови“, стои во објавата на студиото.
„Планиравме ова да биде уникатно, возбудливо, епско кинематско искуство: четири филма, раскажани од четири перспективи раскажувајќи ја истата приказна за најпознатиот бенд на сите времиња“, рече Пипа Харис, која ќе го режира филмот заедно со Мендес. Филмовите се очекува да бидат прикажани во 2027 година.
Во април 1970 година, шест месеци по објавувањето на албумот Abbey Road и еден месец пред Let It Be, членовите на познатиот британски бенд објавија дека се разделуваат. Десетгодишната соработка меѓу Мекартни, Ленон, Харисон и Стар резултира со 14 најпродавани албуми, речиси милијарда продадени плочи и неколку филмови. Но, по распадот, семејствата на членовите на бендот не дадоа дозвола приказната за „Битлси“ да се прикажува на екранот.
Минатата есен новата песна Now and then, првично снимена пред четири децении како демо, беше произведена и објавена со помош на вештачка интелигенција. Таа беше на врвот на британските топ-листи.
„Битлсите“ беа тема на многубројни документарни филмови, како што е серијата The Beatles: Get Back, во режија на Питер Џексон.
Мендес, режисерот познат по блокбастерите како American Beauty, филмовите за Џејмс Бонд, Skyfall и Spectre, вели дека му е „чест што му се дава можност да ја раскаже приказната за најголемиот рок-бенд на сите времиња“.
Во последните години е забележан бум на стриминг-платформите и во кината, што подразбира снимање документарни и биографски филмови за познати личности од светот на музиката. Bohemian Rhapsody е приказна за групата Queen, „Елвис“ го опиша бурниот живот на Елвис Присли, „Тина“ ја овековечи Тина Тарнер, а Rocketman откри како Елтон Џон го освои светот на поп-музиката.