Кина денеска започна координирани пилот-програми за тестирање на 6Г-технологијата во осум региони, со цел да го забрза нејзиниот развој, индустриската примена и комерцијализацијата, објави кинескиот весник „Глобал тајмс“.
Програмата, која кинеското Министерство за индустрија и информатичка технологија ја претстави на конференција во Шангај, предвидува развој и усовршување на уреди од новата генерација, чипови, компоненти, мерни инструменти и сателитски интернет.
Целта е да се забрзаат иновациите во примената на 6Г-технологијата во комуникациите, индустриското производство, комерцијалниот сообраќај со дронови и поморската економија.
Кинеското министерство уште во јуни претстави национален план за координиран развој на 6Г-технологијата, а новата програма треба да ја подобри соработката меѓу централните и регионалните власти.
Кина настојува да го забрза преминот на технолошките иновации од лабораториите во практична примена.
До 2029 година се очекува да бидат развиени низа сопствени технолошки решенија, нови деловни модели и уреди што ќе ја поддржат идната комерцијална примена на 6Г-технологијата.