Стравот од петок 13-ти, постои со векови, ова верување е вкоренето во религиозни традиции, историски настани и разни народни суеверија.
Денес е петок, 13-ти ноември – датум што кај многу луѓе предизвикува вознемиреност и страв. Иако не постојат научни докази кои би укажале на тоа дека на овој ден се случуваат повеќе несреќи отколку во кој било друг ден, петок, 13-ти, нашироко се смета за најнесреќниот ден во годината.
Некои луѓе одат дотаму што избегнуваат патувања, носење важни одлуки, стапување во брак, па дури и излегување од дома.
Петок 13-ти е познат и како најнесреќниот ден од кој некои се плашат како црна мачка да им го попречила патот.
Постојат разни теории за почетокот на стравот од петок 13-ти, а во нив се вклучени и разни митови и легенди. Еден од најпознатите е нордискиот мит за злобниот бог Локи, кој како 13-ти, непоканет гостин, се упатил на вечера со боговите во Валхала, небесната сала и домот на богот Один.
На Локи му здодеало во друштво на сериозни богови, па решил да си игра со нив и го убедил Ходер, слепиот бог на темнината, да го гаѓа Балдер, богот на радоста и задоволството, со стрела од имела. Балдер умрел и темнината завладеала со целата земја. Од тој момент бројот 13 се смета за фатален и застрашувачки.
Во стариот Рим постоело верување дека вештерките се собирале во групи од дванаесет, а тринаесеттото место било резервирано за ѓаволот.
Сепак, повеќето историчари веруваат дека петок 13-ти добил лоша репутација поради апсењето повеќе од стотина витези темплари, што се случило, погодувате, на петок 13-ти. Имено, во 1307 година францускиот крал Филипе Ле Бел во договор со тогашниот папа ги обвинил за ерес. Уапсените темплари биле подложени на тортура, а многумина ја признале својата вина.
Бројот 13 се споменува неколкупати во Библијата и е поврзан со злобни настани. На последната вечера имало 13 гости, а еден од нив не долго потоа починал. Постои верување дека последната вечера или распнувањето на Исус се случило на тринаесетти (исто така во петок) и дека Каин го убил Авел на петок 13-ти и дека големата поплава почнала во петок.
Постојат и други неосновани суеверија дека на овој ден не треба да ги сечете ноктите или да ја потстрижувате косата. Ако случајно планирате да спиете вечерва под орев, селските баби сигурно ќе ве одвратат од тоа.
Стравот од петок, 13-ти, е познат како параскевидекатриафобија, додека стравот од самиот број 13 се нарекува трискаидекафобија.
Филмската индустрија исто така придонесе за популарноста на ова суеверие – особено преку хорор-франшизата „Петок, 13-ти“ – што дополнително ја зацврсти поврзаноста помеѓу овој датум и стравот или несреќата.
Сепак, експертите истакнуваат дека не постојат научни докази кои би сугерирале дека петок, 13-ти, е поопасен од кој било друг ден. Психолозите објаснуваат дека луѓето кои веруваат во неговата симболика на несреќа, имаат поголема веројатност да ги забележат и запамтат негативните настани што се случуваат тој ден, додека често ги занемаруваат сличните случувања во другите денови.
Затоа, и покрај бројните легенди и верувања, петок, 13-ти, останува првенствено културолошки феномен и едно од најпознатите суеверија во светот.