„Златна Скополија“ ќе се додели на режисерското дуо Малгоржата Шумовска и и Михал Енглерт


sff_golden-scopolia_2026.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во пресрет на 26. издание на Скопје Филм Фестивал (СФФ26), најавено е востановување на фестивалската награда за исклучителен придонес кон светската кинематографија – „Златна Скополија“, посветена на авторите кои оставиле неизбришлива трага во развојот и еволуцијата на светскиот филмски јазик.


Оваа година, „Златна Скополија“ ќе се додели на режисерското дуо од Полска Малгоржата Шумовска (Małgorzata Szumowska) и Михал Енглерт (Michał Englert).

Оддавајќи му признание на реткото и извонредно уметничко партнерство меѓу Малгоржата Шумовска и Михал Енглерт, оваа награда ја става на пиедестал нивната заедничка повеќедецениска креативна визија. Нивната соработка претставува совршен пример за тоа како спојувањето на два автохтони уметнички сензибилитети, нејзината смела режисерска нарација и неговиот софистициран визуелен јазик, создава единствен, силен и препознатлив филмски глас во европската и светската кинематографија. Преку нивните заеднички соработки, како „Never Gonna Snow Again“ и најновото филмско остварување „The Idiot(s)“, Шумовска и Енглерт ги поместуваат границите на традиционалното филмско режирање и раскажување, истражувајќи ги длабоките човечки емоции, социјалните контрасти и суптилното преплетување меѓу реалноста и мистиката.

Името на наградата инспирацијата ја наоѓа во „Scopolia carniolica“, необичен, таинствен цвет што расте во сеновитите шуми на планинските предели околу Скопје. Иако етимолошки независни, фонетската и звучна асоцијација меѓу цветот и градот отвора простор за нова уметничка интерпретација. Скопје е град на контрасти, на убавина и суровост, на постојано исчезнување и повторно раѓање. Како и самиот цвет, така и градот во себе носи двојственост. „Златна Скополија“ прераснува во автентичен симбол кој ги поврзува историската меморија, идентитетот на градот и универзалниот јазик на филмската уметност.

Автор на наградата е истакнатиот скопски сликар и скулптор Владо Костов (роден во 1967 година), познат по автентичниот израз, отелотворен во суптилни конструкции од отпаден материјал. Зад себе има богата уметничка кариера, од раните ангажмани во познатото англиско студио „Hollywood Road Film Production“, па сѐ до препознатливите конструкции од отпаден материјал и мултимедијалниот проект „Почит кон Чарли Паркер“. Костов ја создава „Златна Скополија“ како совршено отелотворување на суровоста, префинетоста и уникатниот дух на Скопје. Наградата ја изработи Димитар Филиповски.

26. издание на Скопје Филм Фестивал ќе се одржи од 4 до 9 ноември 2026 година. Филмското остварување „The Idiot(s)“ ќе биде прикажано во рамките на официјалната фестивалска програма, како дел од Свеченото отворање на фестивалот. Заинтересираните ќе може да го проследат на 4 ноември, со почеток од 20:30 во Н.У. Македонски Народен Театар (МНТ), додека билетите за проекцијата се достапни преку „MK Tickets“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK