Заврши снимањето на филмот за Слаткаристика „Слушни ме“


2-4.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

После повеќе од две години работа на проектот и месеци интензивна продукциска работа, заврши снимањето на „Слушни ме“, музичкиот документарен филм создаден според идејата и вистинската животна приказна на Марко Маринковиќ – Слаткаристика.


Филмот, во копродукција на ОХО Продукција и Иноватива Груп, зборува за пелтечењето, прифаќањето на различностите и храброста да се пронајде сопствениот глас. Со завршувањето на снимањето, проектот влегува во фаза на постпродукција, а премиерата се очекува во првата половина на 2027 година.

Последната клапа беше одбележана со заедничка прослава на филмската екипа, Слаткаристика, децата кои учествуваат во филмот и нивните родители, претставници од Институтот за слух, говор и глас, соработници и пријатели на проектот.

Средбата ги обедини луѓето чии искуства, доверба и посветеност станаа дел од создавањето на филмот.

„Уште кога ја слушнав приказната на Марко, во неа препознав нешто што може да допре до луѓето насекаде во светот. Приказна за несигурноста, упорноста и храброста да се изразиш. Горд сум на екипата и на сите што ни ја дадоа својата доверба, особено на децата и нивните семејства“, изјави Пеце Талески, продуцент од ОХО Продукција.

„Слушни ме“ го следи животниот пат на Слаткаристика, од детството и соочувањето со говорните тешкотии до пронаоѓањето на сопствениот израз преку музиката. Преку лични сведоштва, музика, играни сегменти од неговото детство и работилници со деца, филмот отвора прашања за самодовербата, предрасудите и поддршката што може да направи разлика во нечиј живот.

„Многу сум среќен и горд. Ова е мојата лична приказна, но и приказна на многумина кои во неа ќе препознаат дел од себе. Благодарен сум на ОХО што веруваа во идејата и на целиот тим што ја претвора во филм. Голема благодарност до сите учесници, несебични пријатели и поддржувачи, заедно правиме големо дело. Посебна благодарност до децата и нивните родители за искреноста и довербата, како и до сите вработени во Институтот за слух, говор и глас. Со овој филм посакувам секое дете што се соочува со говорни или какви било други тешкотии да знае дека не е само и дека и неговиот глас е важен.“, истакна Марко Маринковиќ – Слаткаристика во своето обраќање.

Режисер на филмот е Раша Петровиќ, сценариото е на Кристина Ризоска. Важна улога во раскажувањето на приказната има и оригиналната музика, дел од која е снимена во студиото FAME’S во Скопје, со оркестар составен од млади музичари од Европа и светот, учесници на Институтот FAME’S.

Со завршувањето на снимањето, „Слушни ме“ влегува во следното поглавје: постпродукција и подготовки за неговата средба со публиката на почетокот на следната година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK