– Во Градската уметничка галерија во Струмица вечер ќе биде отворена хуманитарната изложба на фотографии насловена „Во мир и во тишина“ на отец Гаврил, а во организација на „Елеуса Фондација“, информираа од Фондацијата.
Во циклусот фотографски записи на еден монах, ќе бидат изложени четириесетина фотографии, а паричните средства собрани од продажбата ќе бидат наменети за потребите на Детското одделение при струмичката болница.
-Целта на оваа добротворна изложба е токму тоа-мирот и тишината во кои тие се создавани и кои тие ги имаат во себе да му ги пренесат на другиот. Зад секоја фотографија има приказна и секоја фотографија е сама по себе приказна, затоа ви посакувам да уживате во оваа убава заедничка шарена приказна во мир и тишина, а воедно и да се направи и добро дело и да им се помогне на оние кои вистински имаат потреба од помош, вели авторот, отец Гаврил.
Архимандрит Гаврил денес е игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк при Австралиско-сиднејската православна епархија. Покрај тоа е претседател на Македонската православна младина на Австралија (MOYA). Многу е активен на мисионерското поле и е еден од основачите на епархиското списание „Православие“. Сите овие години е многу активен пастир и доста почитуван од македонскиот народ.
Љубовта кон уметноста му се јавува додека престојувал во манастирот Водоча, каде и почнал да се занимава со иконопис. Заради околностите во новите услови на живеење во Австралија, не можејќи да живописува, неговиот уметнички сенс го свртува кон фотографијата. На тој начин ги спојува своја желба за уметност, љубовта кон природата и богољубието.