Во преполната „Артгет“ сала на Кнез Михајлова улица бр.6, синоќа во срцето на Белград, триото „Анимато“ одржа концерт кој публиката долго ќе го памети. Внимателно одбраната програма за две флејти и пијано, предизвика исклучителен интерес, долги аплаузи и бис, од публиката, во која имаше претставници од дипломатскиот кор, од академската и музичката заедница, од македонската заедница во Србија, но и голем број странски музички сладокусци.
Посебно воодушевување, покрај рафинираната интерпретација на дела од Шостакович, Доницети, Елгар и Фурштенау, предизвика композицијата на македонскиот автор Давор Јордановски „Кољо“ работена според мотивите на традиционалната песна „Не си го продавај Кољо чифликот“, како и бравурозната интерпретација на „Либертангото“ од Астор Пјацола.
Концертот на триото „Анимато“ беше во организација на Македонскиот КИЦ во Белград и директорот Васко Шутаров, а ова музичко гостување беше поддржано од Министерството за култура и туризам.
Формирано во 2020 година, од уметници кои негуваат заеднички интерес и љубов кон камерното музицирање, триото „Анимато“ бележи континуирана дејност и настапи на нашите концертни подиуми и фестивали. Афирмирајќи го камерното музицирање, овој состав негува композиции од светската литература и дела од современото македонско музичко творештво.
Членките на триото „Анимато“ се истакнати музички уметници кои своето образование го имаат стекнато на Факултетот за музичка уметност во Скопје и успешно и посветено дејствуваат и во областа на музичката едукација. Пијанистката Светлана Димитриевска, раководител на одделот по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, остварува редовни настапи и учества на домашни и меѓународни натпревари со учениците, член е на жири и организациони комисии на повеќе натпревари, член на ЕПТА Македонија и промотор на настаните Piano Day Skopje, посветени на афирмацијата на младите пијанистички таленти. Таа настапува и како концертен пијанист со бројни македонски инструменталисти.
Флејтистките Даниела Неделковска и Симона Марочковска – Манојловска во нивното дејствување бележат соработки со оркестри и камерни состави со кои настапувале на повеќе манифестации и фестивали „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Мајски оперски вечери“, „Денови на македонска музика“ и др. Во активната педагошка дејност овие уметници бележат бројни признанија и освоени награди со нивните ученици, активности во организација на меѓународи натпревари, семинари и педагошки проекти.