Во НУ Центар за култура Крива Паланка, вечерва (28 мај), со почеток во 19 часот, ќе биде промовирана стихозбирката „Моето алтер его“ од поетесата Елеонора Николовска, во рамките на манифестацијата “Крива Паланка – Град на културата 2024”.
Станува збор за збирка од 47 лирски песни со посебно изразена живост, преку кои Николовска порачува: ” Никој нема совршен живот, но сите имаме совршени моменти“.
Рецензентка на збирката е Силвана Крстовска, а промоторка Ирена Белешковска. Стихови ќе чита поетесата Емилија Колевска, а куриозитет за публиката ќе биде настапот на младата, талентирана Нина Николовска, државен првак во соло пеење.
Илустрациите на поетската збирка се креирани од Ана Срока, преку колаж на цветни мотиви што ги разигруваат страниците полни со емоции.
Елеонора Николовска е родена во Крива Паланка. Дипломира на Филолошкиот факултет,а подоцна магистрира менаџмент на човечки ресурси.
Авторка е на збирката поезија “Чекајќи го животот да се случи”, (2021) и збирката раскази “Расказите раскажуваат” (2023).
Нејзините поетски творби, раскази, сатирични песни, афоризми, и други творби се објавени во над 70 различни збирки, зборници, списанија, антологии на македонската и балканска книжевна сцена.