Утревечер, петок, 15 септември, со почеток во 19 часот во кафе-книжарницата „Буква“, ќе се одржи промоцијата на романот „Мина“ од Игор Анѓелков. Промотори ќе бидат Ана Мартиноска и Максим Ристески, кои низ разговор со авторот ќе се обидат да дојдат до суштината на ова дело, кое беше објавено во мај како 222 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“. Ова е шеста прозна книга на писателот, а негов четврти роман.
Промоцијата е воведен настан на фестивалот „АртАреа“, кој за време на викендот нуди и други возбудливи книжевни доживувања.
„Се обидов да напишам роман кој ќе биде голем како и самиот живот. За таа цел се повикав на сеќавањата кои се најповикуваното и најпосакуваното задоволство за писателите. Тие ми помогнаа да антиципирам еден книжевен став за некои минати времиња кои ги детерминираат овие во кои живуркаме денес и овде. Како централен лик земав жена-борец која всушност е комплетен аутсајдер, но јас верувам во моќта на „малиот“ човек, бидејќи не секогаш низ книжевноста и уметноста мора да се третираат приказните на значајните историски фигури или личности од нивната блиска околина за да се пренесе одредена книжевна „вистина“. Паралелно со ова во книгата се одвиваат и размислувањата за тоа што значи да се биде писател денес и овде, во овој контекст во кој живееме, а самата книжевност е прекрасна платформа за тоа, бидејќи таа остана последниоит бастион каде слободно може да се трага по вистинската вистина“, вели Игор Анѓелков.
„Покрај мотивските автобиографски поклопувања од една и автопоетичките промислувања од друга страна, она што останува како константа е дека во „Мина“, Игор Анѓелков повторно го потврдува она што во една прилика го означивме како непретенциозен стил кој „едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска“. Со здрава доза на фантазија свртувајќи се кон минатото, ама со акцент на она што ја детерминира сегашноста, препознавајќи ја својата сила во едноставноста на раскажувањето, Анѓелков одново нè заробува во имагинативна и емотивна, тематски комплексна и слоевита нарација“, кажа Ана Мартиноска.
„Романот „Мина“ е граден на слоеви од портрети, конкретни/лични и апстрактно-општи (во смисла на заеднички), органски, но неслиено поврзани: на Мина (баба на авторот), чиј еманципаторски потенцијал се потрошил во еден мал круг на луѓе само поради околностите; на идеалниот писател, односно на суштествените паралелизми што ги поврзуваат сите книжевни автори; на времињата што авторот ги живеел или ги знае поинаку… Процесот низ кој настанува овој роман е нов роман, пишува Игор, кој иако прави „експеримент (не поради самиот експеримент)“, прецизно цели според препораката на Е. А. По, дека при структурирањето на едно книжевно дело треба да се тргне од крајот, односно од расплетот“, рече Максим Ристески.
Игор Анѓелков (1974) дипломирал на Интердисциплинарните студии по новинарство, а магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Веќе две ипол децении активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот, музиката, книжевноста, уметноста… Неговите текстови можат да се прочитаат на www.herojnaedenden.mk. Официјалното книжевно деби го имаше со збирката раскази „Кротки приказни“ (2006), a потоа следеа и романите „Крај-пат“ (2010), „Фото синтеза“ (2013) и „Шрапнел“ (2020) (последните два беа финалисти за „Рациновото признание“). Минатата година ја објави збирката раскази „Двојна експозиција“ (2022). Анѓелков зад себе има и три дела од областа на филмската есеистика: „Филм.мкд“ (2015, Државната награда за публицистика „Мито Хаџивасилев Јасмин“), „Филмски град“ (2018) и „Филмотопија“ (2022).