„Не умира и мртов памети поетот“ – белешки од вчерашното свечено отворање на Деновите на поезијата


denovi-na-poezijata.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со стихови од плејада творци од првите генерации на современата македонска поезија, вчера свечено се отворија Деновите на поезијата, на поетската сцена на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, во Скопје Сити Мол.


Инспириран од песната на Анте Поповски „Памети тој“, со слика на птицата која го надлетала неговиот свет и со моќниот стих „не умира и мртов памети поетот“, изборот на песни за свеченото отворање посведочи за трајното присуство на нашите јубилари во македонскиот јазик и неговата духовност.

Со нас беа ластовиците на Блаже Конески, која ја бележале за него нејасната порака на животот и времето; птичјите крила со кои се здружила душата на Љупчо Стојменски; летот на песната на Михаил Ренџов; сонцето кое ги прегрлува Илхами Емин и негвата птица; туртуричето на Атанас Вангелов; детето на Петар Т. Бошковски, со затворен лет на птица во клепките; птицата што логорува под небото на Љубен Ташковски; сињо – небесната птица на Светлана Христова Јоциќ, која патот ѝ го темносува; белите птици со искрвавени клунови на Видое Видичевски…

Иван Чаповски, кој годинава го прославува својот 90. роденден, го замоливме да ја прочита песната „Сеќавањето бело“, посветена на Танас Луловски, сликар кој нè напушти пред точно 20 години, а со нас беше, барем во мислите, и Јован Стрезовски кому му оддадовме почит по повод неговиот 95. роденден, со “ехото кое сведочи дека глас еднаш пуштен не изчезнува“.

– Деновите не се ограничуваат на јубилеи, изјави пред публиката Јасмина Шопова, потпретседател на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“, но тие спак претставуваат клучен момент, бидејќи идејата водилка на манифестацјата е токму незаборавот, негувањето на културното наследство и нишката која ги поврзува некогашните и сегашните генерации, минатото и иднината.

„Зборувам особено за јубилеите на оние поети кои се сега ‘отаде сите неба’, чиишто сенки ‘уште им се гледаат“, додека ‘на земјата веќе сè е минато’, како што рече Анте Поповски во своите песни“, додаде Шопова.

Свеченоста ја водеше Никола Ристановски, а во читањето на поезијата му се придружија Софија Гогова Врчаковска и студентите на Факултетот за музичка уметност, Дамјан Атовски и Теона Крстевска. Млади уметници се вклучија и на полето на музичката продружба. Покрај Петар Ренџов, стиховите ги пратеа Сергеј Настески и Антонио Трајковски, студенти на Факултетот за музичка уметност.

Овој омаж на основоположниците на македонската современа поезија, беше своевиден израз на „еден внатрешен порив да се надомести барем во дел благодарноста кон оние македонски писатели кои по силата на нивниот творечки чин означуваат и етички и естетски прототип на својот народ“, како што забележа Анте Поповски при една друга средба, врзана со Ацо Шопов, кога пред три децении се одбележуваа 70 години од неговото раѓање.

Вториот дел од отворањето ѝ беше посветен на еминентната естонска поетеса Дорис Карева, чија поезија плени со нејзината прецизност, економичноста на изразот и многузначнaта слоевитoст.

– Небаре го следела рецептот за „проста и строга песна“ на нашиот Блаже Конески, забележа Јулијана Величковска, нејзината преведувачка на македонски, претставувајќи ја книгата „Денови на милост“ од Дорис Карева која вчера излезе од печат во издание на ПНВ Публикации.

„Додека работев на преводот и ја препрочитував нејзината поезија, над сите впечатоци и размисли стоеше еден единствен збор, а тоа е зборот ‘авторитет’. Секој збор во нејзините песни е искажан со таква сигурност, со своевидна хируршка јазична прецизност и со авторитет врз белината на страницата. Секој збор од нејзината поезија е таму затоа што така мора да биде, и зашто ако го нема, постои опасност целата структура на песната да се распадне“, изјави Величковска.

На прашањето: „Сметате ли дека улогата на поетот е да биде бунтовник?“, Дорис Карева изјави дека и љубовната песна може да биде чин на бунт.

„Понекогаш е полесно да се побуниш против нешто или некого отколку да останеш мирен и тивок, во согласност со она во што веруваш. Да се најдат зборови со кои љубовта ќе се изрази на сопствен и единствен начин често е потешко отколку да се изразат чувства на презир или непријателство. На некој начин, отсекогаш сум го сметала Шели за пореволуционерен од Бајрон. Да се говори вистината во време на опресија, исполнето со цинични лаги и лажни реалности, бара смирена храброст и бистрина на умот. Тоа е мечот на духовниот воин. Тоа е моќта на поезијата.“

На свеченото отворање настапи и ПОЕТРОИКА, со извадок од концертот „Кон Ацо Шопов“ кој се одржува во петок, 15 мај, во Синеплекс (сала 3), со почеток во 20:30. Карти можат да се добијат бесплатно на Инфопултот во Скопје Сити Мол (бројот на местата е ограничен).

Следните денови, програмата продолжува со современи македонски поети.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK