На 60. Драмски аматерски фестивал во Кочани ќе настапат 12 домашни и странски театарски групи

dramski-amaterski-festival
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Вкупно 12 домашни и театарски групи од странство ќе учествуваат во програмата на 60. Драмски аматерски фестивал (ДАФ), што од 22 до 27 мај ќе се одржи во Кочани.







На повикот за учество, што Управниот одбор на фестивалот го објави во средината на март, пристигнале 16 пријави од македонски и театарски групи од Србија, Хрватска и Турција, а по завршената селекција одбрани се десет претстави што ќе бидат прикажани во натпреварувачкиот и две во ревијалниот дел.

– Подготовките за одржување на јубилејното издание на ДАФ се при крај, а селекторот Игор Џамбазов веќе го заврши изборот на театарските претстави. Во програмата на натпреварувачкиот дел ќе настапат театри и театарски групи од Кавадарци, Кочани, Скопје и Тетово, потоа од Прокупље, Ниш и Шид од Република Србија, како и од Вуковар од Република Хрватска. Надвор од конкуренција ќе учествува народниот театар од Велес, како и една театарска група од Турција. Учесниците се веќе известени за изборот, а во текот на следната недела треба да ги утврдиме распоредот и сцената за настап на актерите, по што ќе биде објавена комплетната фестивалска програма, истакна Кристина Атанасова Арсова, претседателка на Управниот одбор на ДАФ.

Во рамки на овогодишниот ДАФ ќе бидат доделени награди за најдобра женска и машка епизодна и главна улога, за најдобра режија, за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар, специјална награда за најдобра претстава во категоријата театар за деца и младинци и гран при „Васил Ќортошев“.

Финансиската поддршка за реализацијата на Драмскиот аматерски фестивал годинава е обезбедена од Министерството за култура, од Општина Кочани и преку спонзорства од бизнис секторот во регионот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK