Младата поетеса Ивана Јовановска ќе учествува на Саемот на книга во Лајпциг, Германија, што се одржува од 21 до 24 март. Таа ќе учествува на настанот „Поезија за неприпаѓањето. Лирски импресии од Северна Македонија“ што ќе се одржи во сабота (23 март) со почеток во 15 часот.
Авторката ќе ја претстави поетот Никола Маџиров. Маџиров ќе го претстави неговиот текст „Крв и поезија на неприпаѓањето“, што неодамна беше објавен во списанието за литература и култура Зин унд форм (Sinn und Form)“.
Присутните на настанот ќе можат да ги слушнат нивните стихови на македонски и на германски јазик.
Саемот на книга во Лајпциг е вториот по големина во Германија, по Саемот на книга во Франкфурт, кој, пак, е најголемата манифестација од ваков вид во светот.
Ивана Јовановска (1998, Скопје) студира на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ — Скопје. Авторка е на стихозбирките „На ракавот на градот“ (2021, ПНВ Публикации) и „Номадски затвори“ (2023, ПНВ Публикации). Учествувала на Поетска ноќ во Велестово, на „Отскочна даска“ во рамки на Скопскиот поетски фестивал и на повеќе поетски читања во Скопје, како: „Астални проекции“, феминистичкиот фестивал „Прво па женско 6“, поетските читања во Социјалниот центар „Дуња“, како и на интернационалниот поетски фестивал „Лезеленц“ (LeseLenz) во Хаусах, Германија. Нејзините песни се често објавувани во периодиката, и преведени се на германски, на грчки и на англиски јазик. Член е на европската поетска платформа „Версополис“.