Со бесплатни влезници за претставите „Мојот маж“ и „Пикник на фронтот“ Драмски ќе го одбележи Светскиот ден на театарот

viber_image_2024-03-21_12-33-13-151.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Годинава НУ Драмски театар Скопје ќе го одбележи 27 март Светскиот ден на театарот со низа активности наменети за различни целни групи што ќе се одвиваат во текот на целиот ден.

Програмската активност започнува со организирана посета на театарот од страна на неколку групи на ученици од основните училишта. Учениците ќе имаат можност да се запознаат со сите аспекти од работењето на театарот.

Промоција на Монографијата Ристо Стефановски, основачот на Драмски театар ќе се одржи во 18.00 часот во фоајето на театарот. Промотор на монографското издание ќе биде Искра Гешовска теоретичарка на книжевност и уметност. Актерите Александар Степанулески, Предраг Павловски, Маја Вељковиќ-Пановска и Јована Спасиќ пред посетителите ќе прочитаат делови од книгата.

Програмската активност продолжува со именување на големата театарска сала во Сала Ристо Стефановски со што неговиот влог во развојот на театарот не се препушта на заборавот и станува потсетник и за идните генерации. Именувањето на големата театарска сала е во 19.00 часот

Програмата продолжува со изведба на театарската претстава „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ со почеток во 20.00 часот. Пред почетокот на претставата ќе се прочитаат и две пораки по повод Светскиот ден на театарот и тоа, македонската порака изготвена од театарскиот режисер Коле Ангеловски и светската порака за денот на театарот од Јон Фосе, норвешки писател, драматичар, драматург и добитник на Нобеловата награда за книжевност.

Одбележувајќи го Светскиот ден на театарот, од Драмски известуваат дека за љубителите на театарската уметност ќе обезбедат влезот да биде слободен за изведбите на претставите „Мојот маж“ во режија на Нела Витошевиќ на 27 март и „Пикник на фронтот“ во режија на Андреј Цветановски на 04 април. Резервација и подигнување на бесплатните билети за овие две претстави ќе се реализира преку билетарницата на Драмски театар Скопје.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK