На 3 октомври 2026 година, во 20:00 часот, во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана, ќе се одржи концертот „Minimal Horizons“, посветен на авторската музика на македонската композиторка Ана Пандевска, во изведба на пијанистката Дуња Иванова.
Програмата ги истражува врските меѓу акустичниот и електроакустичниот звук, преку минималистички пристап, повторување, звучни бои и современи изведувачки техники. Концертот опфаќа пет композиции – „Landscape Atmospheres“, „Dunja and Darin“, „Quasi Burlesque“, „For Django“ и „Sphere“ – преку кои публиката ќе има можност да се запознае со различни звучни пејзажи и авторски поетики на Пандевска.
Ана Пандевска е композиторка со препознатлив современ и повеќежанровски израз, во кој се преплетуваат современата класична музика, фолклорот, џезот и електроакустичните практики. Нејзината музика е изведувана во земјата и странство.
Дуња Иванова е пијанистка и доктор по естетика, активна како солист и камерен музичар, со особен интерес кон современата и интердисциплинарната музика.
Со „Minimal Horizons“, македонското современо музичко творештво ќе биде претставено пред публиката во Тирана, продолжувајќи ја културната соработка и размена во регионот.
Концертот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и се реализира во организација на Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Тирана.