Мастер клас на ИФФК „Браќа Манаки“ со лауреатот кинематографер Ентони Дод Ментл

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Кинематограферот Ентони Дод Ментл кој пред 13 години освои еден од осумте Оскари за филмот „Сиромашниот милионер“ (Slumdog millionaire), во режија на Дени Бојл, денес на ИФФК „Браќа Манаки“ ќе одржи мастер клас.







Пред аудиториумот во Битола, годинешниот добитник на престижната „Златна камера 300“ за животен опус, се очекува да говори за својата кариера, за тандемската соработка со режисерот Бојл, со кого ги сними и двата ТВ филмови „Комплетно голо издишување во рајот“ и „Блудница“ обата реализирани во 2001 година, а потоа следуваа и двата филмови „28 денови подоцна“  од 2002 година, како и „Милиони“ од 2004 година.

Ентони Дод Ментл е роден во 1955 година во Витни во Оксфорд, во Обединетото Кралство каде се школувал во гимназиската возраст, а од 1985 до 1989 година студирал камера на Националната Филмска Школа во Копенхаген, кога и започнува да живее и работи во Данска. Со тоа станува натурализиран Данец со британско потекло.

Веднаш по студиите ја започнува својата соработка со неколку дански режисери кои се носители на новиот дански филмски бран, при што најзначајен му е Догме периодот. Тој станува еден од творците на тој оригинален дански филмски израз/тренд, започнувајќи соработка со родоначалниците на ова филмско движење.

Во 1998 го снима првиот Догме филм „Семејна прослава“ и го свртува внианието на јавноста затоа што суштината на Догме изразот и неговите аскетски правила биле базирани на начинот – како ќе биде сниман секој Догме филм (главно со користење на камера од рака) и добивање филмска фотографија без артифициелни светлосни извори, туку природни.

За Ентони Дод Ментл, соработката со главниот иницијатор и основач на Догме движењето – Ларс Фон Триер, била неизбежна, од двата филма на провокативната трилогија за Америка „Кучешки град“ oд 2003 година и „Мендерлеј“  oд 2005 година, до подоцнежниот, исто така кански учесник, уште поконтроверзниот „Антихрист“ од 2009 година, во кој Ментл го демонстрирал своето врвно кинематограферско мајсторство.

На ИФФК „Браќа Манаки“ освен мастер клас со лауреатот Ентони Дод Ментл, според програмата денес ќе се реализираат проекциите на македонскиот игран филм „Мими“ и македонскиот краток филм „Само ѓаволот се плаши од вода“, а во битолскиот Музеј ќе биде отворена изложба „140 години од раѓањето на Милтон Манаки“ во 20 часот. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK