Македонската филхармонија ќе го отвори „Охридско лето“ со ѕвездата Џулијан Рахлин

Julian-Rachlin.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







НУ Филхармонија на РСМ ќе учествува на овогодинешното свечено отворање на фестивалот „Охридско лето“.

На 12 јули во прекрасното здание на Античкиот театар во 21 часот, заедно со оркестарот на Филхармонијата ќе настапи светската музичка ѕвезда, виолинистот Џулијан Рахлин, кој наедно ќе се претстави и како диригент. На програмата се познатиот Концерт за виолина и оркестар во e-moll оп. 64 од германскиот композитор Феликс Менделсон, како и класичната Увертира-фантазија „Ромео и Јулија“ од рускиот композитор Петар Илич Чајковски.

Џулијан Рахлин инаку, за првпат настапи со Македонската филхармонија во 2017 година, на Божиќен концерт кој се одржа на 7 јануари напладне.

Виртуозот на виолина Џулијан Рахлин е музички раководител на Симфонискиот оркестар на Ерусалим, шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Кристиансанд и прв гостин-диригент на Филхармонискиот оркестар во Турку. Над 30 години неговата кариера го носи на сите светски меридијани како диригент, солист, камерен музичар, педагог и уметнички раководител. Снимките кои критиката ги оценува како исклучителни, ги издаваат на носачи на звук престижните издавачки куќи „Дојче Грамофон“, „Сони Класикал“ и „Ворнер Класикс“.

Рахлин е исто така и баран диригент ширум светот. Во изминатите неколку сезони настапува со Симфониските оркестри во Чикаго, Бирмингем, Виена, како и со Европскиот камерен оркестар, Кралската филхармонија во Лондон, Израелската филхармонија, филхармониските оркестри во Осло и Хелсинки, Кралската филхармонија во Ливерпул и Берлинскиот Концертхаус оркестар.

Осум децении непрекинато музицирање. Осум децении љубов, страст, неверојатна енергија, уметничка сплотеност. Осумдесет години поминати во прекрасни патешествија заедно со брилијантни музички умови – илјадници солисти и диригенти кои со себе донесоа илјадници дела од славните музички мајстори, подарувајќи нѝ различни емоции, креации, хармонии, мелодии, ритми. Годинава, Македонската филхармонија одбележува 80 години од постоењето под мотото – 80 години љубов. Ова е првиот и единствен симфониски оркестар во Република Северна Македонија, а со тоа и единствен постојан репрезент на симфониското творештво на македонската музичка сцена. Во последните декади особено, институцијата го подмлади оркестарот и со тоа внесе нов елан и ентузијазам и силна желба за работа. Денес, звукот е издигнат на високо квалитативно скалило, а својата програма редовно ја збогатува со комплексни и нови, современи дела, кои се предизвик и за светските симфониски оркестри. Инвентивниот и креативен репертоар е во баланс со традиционалните музички вредности и токму тоа ја привлекува публиката, особено новите генерации на слушатели. Оркестарот е формиран на 24 ноември во 1944 година, по завршувањето на Втората светска војна и само 11 дена по ослободувањето на Скопје. На ул. „Крушовска“ бр. 27, во домот на композиторот Тодор Скаловски, еден од стожерите на македонската музичка култура, се одржал првиот состанок на група музичари со цел да формираат симфониски оркестар, да го формираат првиот Државен оркестар, да ги стават темелите на една голема културна институција, прва од таков вид во ослободена Македонија. Создавањето на Филхармонија во едно такво време-невреме, е всушност револуција во духовната смисла на зборот. Од тие скромни почетоци, па сѐ до денес, во осумдецениско постоење, Филхармонија остварила незаборавни концертни мигови исполнувајќи широк репертоар од светската класична музичка литература, како и светски премиери од современи автори, оживувајќи ги со особена гордост и делата на македонските музички творци.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK