Американскиот, таканаречен „станбен крузер“ го прекина своето патување околу светот и моментално е закотвен во Камбоџа. Поради високите трошоци за гориво, стотици патници мораа да го напуштат бродот, кој беше рекламиран како спој на долгорочен живот на море и патување околу светот. Бродот Odyssey исплови пред две години на планирано тригодишно патување низ седум континенти, пишува „Индипендент“.
Скокот на цените на горивото го запре патувањето
Компанијата Villa Vie Residences, со седиште во Флорида, соопшти дека месечните трошоци за гориво по кабина се зголемиле од просечни 1.800 долари на сума што се проценува меѓу 6.000 и 8.000 долари во одредени делови од Азија. Како причина ја наведуваат војната во Иран. Од компанијата велат дека се обиделе да ја намалат потрошувачката преку намалување на брзината на пловидба и подолги задржувања во пристаништата, но тоа не било доволно за да се покрие ненадејниот пораст на цените.
„Веќе не можевме да ги покриваме оперативните загуби што се натрупуваа“, се вели во соопштението. „Не е реално целиот трошок да се префрли врз станарите. Сега наш приоритет е да обезбедиме поддршка за станарите, екипажот и вработените“, додаваат од компанијата, наведувајќи дека работат на спроведување реструктуирање.
Неизвесна судбина на патниците и екипажот
Управата на пристаништето Сихануквил минатата недела објави дека бродот се закотвил на 23 октомври, со план да остане пет дена. Требало да исплови кон Виетнам, но денес сè уште се наоѓа во пристаништето. На бродот имало 203 патници од 15 земји, главно американски државјани, како и 156 членови на екипажот. Вкупниот капацитет на бродот е 650 лица.
Од патниците било побарано да го напуштат бродот, а статусот на екипажот во моментов е непознат. „Одисеја“ имаше утврден план на патување до ноември 2027 година. Компанијата планираше да воведе и втор станбен крузер на почетокот на 2029 година, но во соопштението за прекинот на работата на „Одисеја“ тој втор брод не се споменува.