Македонското трио „Анимато“ на 28 септември ќе настапи во галеријата „Артгет“ при Културниот центар на Белград, Србија. Концертот насловен „Музичко патување“ ќе започне во 20 часот, а ова ќе биде прво гостување на триото пред белградската публика.
„Анимато“ се издвојува по својот специфичен состав – две флејти и пијано. Триото го сочинуваат пијанистката Светлана Димитриевска и флејтистките Даниела Неделковска и Симона Марочковска Манојловска.
На програмата се композиции од Дмитриј Шостакович, Антон Бернхард Фурштенау и Гаетано Доницети, како и познатите „Обливион“ и „Либертанго“ од Астор Пјацола. Пред белградската публика ќе бидат изведени и дела од Едвард Елгар и македонскиот композитор Давор Јордановски.
За членовите на „Анимато“, концертот има посебно значење бидејќи станува збор за нивно прво гостување во српската престолнина.
„Ова е наше прво гостување во Белград и навистина му се радуваме. Подготвивме атрактивна и разновидна програма, во која секое дело носи поинаква музичка приказна. Веруваме дека таа разноликост, заедно со интересниот спој на две флејти и пијано, ќе го привлече вниманието на пошироката публика. Се надеваме на убава средба со белградската публика и на вечер во која музиката ќе нè поврзе“, вели Димитриевска.
Триото „Анимато“ е основано во 2020 година, а со настапот во Белград продолжува со претставување на својот специфичен музички израз и надвор од Македонија.
Концертот „Музичко патување“ е во организација на Македонскиот културно-информативен центар во Белград и директорот Васко Шутаров, со поддршка од Министерството за култура и туризам.