По повод Меѓународниот ден на операта, Македонскиот центар на ITI/PRODUKCIJA ја објавува македонската аудио-порака на Горан Диновски – оперски пејач (лиричен тенор), едукатор и ментор, посветена на трајните вредности на оперската уметност, љубовта, духовноста и културата.
Во своето обраќање, Диновски ја истакнува операта како уметност што ги обединува различните уметнички изрази и ја пренесува исконската човекова приказна за љубовта. Тој ја нагласува и одговорноста на оперските уметници да ја зачуваат живата врска со публиката, како најважен примател на ова уметничко наследство.
„Операта не е создадена за да ни го привлече вниманието за миг, туку да го задржи низ времето, дизајнирана вечно да трае. Каков успех!“ – порачува Диновски.
Неговата порака е потсетник дека гласот, музичкиот театар и културата не се само уметнички изрази, туку и вредности што го поврзуваат човештвото и опстојуваат низ времето.
Македонска порака на Горан Диновски (оперски пејач, едукатор, ментор) по повод Меѓународниот ден на операта 25.10.2026:
Блиското минато и ова време се слични по многу нешта; околностите од последниве неколку години, а и денес како да не тераат забрзано да го надокнадуваме изгубеното време за творештво, за звук, за тон, а јас само се надевам дека тешкото време за настапи во живо е зад нас. Тоа е впрочем во нашата природа, да комуницираме меѓу себе на начин разбирлив за секого, со најразлични приказни од животот кои пред се се базираат на исконската човекова парадигма наречена љубов. Креативниот порив на многу оперски композитори од минатото е заснован на љубовта, а таа во оперската уметност е аманет за човештвото. Ценам дека овој аманет е клучната порака за нашата радост, среќа и иднина, а оперскиот театар, кој ги содржи сите уметнички изрази под ист покрив, е задолжен да ја пренесува. Ние, оперските уметници сме мост во пренесувањето на овој аманет, па затоа во занес на творечката филозофија на изведбата на одредена улога не смееме да ја изоставиме публиката која е најважниот примател на приказната за љубовта. Денес, ангажирани во современието можеме многу лесно да ја загубиме котвата на битието па самите да се оттргнеме од длабоката виситна која музичкиот театар цело време ја шепоти. А, истрајноста е човекова карактеристика и треба да ја ангажираме во грижата за се што е човекова вредност. На крајот, во нашата ДНК е вградена духовноста и културата во една свесна вистина наречена Глас и таа вистина впливувајќи како сплав низ дивите води на времето секојпат испливувала, испливува и ќе исплива на површината бидејќи е една и единствена. Операта не е создадена за да ни го привлече вниманието за миг, туку да го задржи низ времето, дизајнирана вечно да трае. Каков успех!