Четиринаесетта македонска книжевна визита во Софија

sofija
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со учество на 11 македонски поетеси, поети и писатели од сите
генерации, од денеска до сабота во Софија ќе се одржи 14. издание на „Македонската книжевна визита“, чија цел е афирмација на македонската литература во соседна Бугарија и продлабочување на македонско-бугарските книжевни и културни врски.







Организатор е книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје во соработка со Македонскиот културно-информативен центар во Софија, а проектот е помогнат од македонското Министерството за култура.

Годинашната „Четиринаесетта македонска книжевна визита“ ќе започне со книжевниот портрет на современиот македонски поет, прозаист, есеист, преведувач и универзитетски професор Владимир Мартиновски, за чие поетско творештво ќе говори универзитетската професорка Лидија Капушевска Дракулевска.

На овој настан ќе бидат презентирани стихови од Мартиновски на македонски и на бугарски јазик, а со поздравна беседа ќе се обратат и претседателот на Сојузот на бугарските писатели Бојан Ангелов и Кристина Николовска, претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија.

Втората клучна содржина на оваа книжевна визита во Софија е големиот бугарско-македонски поетски митинг на кој оваа година ќе учествуваат Анжела Димчева, Бранко Цветкоски, Димитар Милов, Димитар Башевски, Николај Шопов, Владимир Мартиновски, Роза Бојанова, Димитар Христов, Кристина Николовска, Иван Есенски, Виолета Танчева – Златева, Атанас Звездинов, Зоран Јакимовски, Маја Панајотова, Петар Андасаров, Јовица Тасевски – Етернијан, Надја Попова, Лидија Размоска Тримовска и Владимир Левчев.

Во знак на почит и сеќавање на бугарскиот поет Љубомир Левчев, добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, ќе биде одржан омаж по повод 88-годишнината од неговото раѓање, при што проф. д-р Кристина Николовска ќе одржи пригодна беседа.

Традиционално и на оваа Македонска книжевна визита во Софија ќе биде доделена наградата „Македонски книжевен Дедал“ на бугарски автор-преведувач, кој значајно придонел за афирмацијата на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји. Годинашен носител на ова признание е поетесата и голем двигател на писателските врски и соработка меѓу македонските и бугарските писатели, асоцијации и книжевни манифестации – Роза Бојанова, една од врвните современи поетеси на Бугарија.

Учесниците на манифестацијата ќе го посетат и спомен-домот на поетот Христо Смирненски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK