Проф. Цицонков: Термоелектрани на јаглен, до кога ?

ciconkov_352342323432
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Колумнава ќе ја започнам со изјавата на министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на Конференција за енергетска безбедност на Централна и Источна Европа во Вашингтон одржана на 11 септември 2024: „… Македонија има за цел да се откаже од употребата на јаглен за енергетски потреби до 2050 година, … “. Во изјавата стои и дека преминот од јаглен до 2050 година бара силна финансиска и техничка поддршка кои се клучни за трајна трансформација и за обезбедување правична транзиција …

А сега ќе продолжам со последната Стратегија за развој на енергетиката во Република Македонија до 2040 година која е објавена во 2020 година во која има три сценарија: 1) Референтно, 2) Со умерена транзиција и 3) Зелено сценарио. И во второто и во третото сценарио е предвидено да се затворат сите термоелектрани на фосилни горива, ТЕЦ Осломеј (100 MW) во 2019 г., ТЕЦ Неготино (200 MW) во 2020 г. и РЕК Битола (сите три блока 660 MW) во 2025 година.



На климатскиот самит КОП28 во Дубаи во 2023 година, Република Македонија (РМ) претстави инвестициската платформа за правична енергетска транзиција со план проценет на 3 милијарди евра за затворање на електраните на јаглен и префрлување на обновливи извори на енергија. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја поддржува македонската влада во развојот на платформата и ќе ја предводи координацијата со меѓународните партнери.

Во платформата има план со кој се предвидува затворање на двете електрани на јаглен во РМ (РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј) и нивна замена со 1,7 гигавати обновлива енергија до 2030 година. Во врска со ова имам забелешка дека тука недостасува изградба на ново базно производство на ел. енергија.

Во најновиот документ на Владата со наслов „Инвестициски план за забрзана транзиција од јаглен на РМ“ (од декември 2023) дадени се насоки за забрзано исфрлање на јагленот од енергетскиот сектор, а се заснова на документот „Национално утврдени придонеси“ (НУП). НУП е документ што секоја земја задолжително го подготвува и предава на Обединетите Нации, а во врска со Парискиот договор за климатски промени од 2015 година. Во својот НУП, РМ има поставено цел за намалување на емисиите од стакленички гасови за 82% до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година. Клучна активност за ова да се постигне е постепено затворање на ТЕЦ Осломеј и РЕК Битола до 2030 година. Тука има и други импликации, како на пример што околу 5.000 луѓе би останале без работа и др.

Германија го одложи затворањето на термоелектраните на јаглен до 2036 година, а ние планиравме во 2025 г., а потоа мало одложување до 2030 година. Ако се земе предвид колку германската економија е посилна од македонската, затворањето на термоелектраните во РМ пред Германија не е логично и не е за коментар.

Во врска со сите погоре наброени проблеми и дилеми треба да се нагласи и фактот дека нашите термоелектрани на јаглен се стари градени од 1980 до 1988 година и подложни на чести дефекти. Друго, нашите резерви на јаглен се при крај и со низок квалитет и мора да се увезува јаглен од надвор. Така, чинењето на произведената електрична енергија во РЕК Битола е релативно висока, понекогаш и над берзанската цена.

Со текот на времето државата РМ потпишува разни договори/обврски со некои меѓународни заедници за намалување на некои емисии за кои тешко ќе може да се реализираат. На пример редукцијата на гасот ЅО2 од термоелектраните на јаглен ќе може да се направи со многу големи вложувања или термоелектраните да престанат да работат.

Ако се погледнат сите погоре изнесени документи и анализи, може да се донесе само еден заклучок, а тоа е дека состојбата во енергетскиот сектор во РМ е во хаос. Не само што нема координација во државните органи и институции за затворањето на термоелектраните на јаглен, туку воопшто во целиот енергетски сектор. Познато е дека РМ увезува електрична енергија и тоа околу 30% за да ги задоволи своите потреби, а ако се затворат термоелектраните на јаглен, ќе треба многу поголем увоз. Да се потсетиме дека во зимската сезона во 2022 година РМ увезе електрична енергија и потроши неколку стотини милиони евра. Покрај високата цена, причина беше и лошата состојба на РЕК Битола кој работеше со многу редуциран капацитет.

Факт е дека последниве три години се изградија и се градат интензивно фото-напонски централи за производство на електрична енергија и тоа најмногу заради високите цени на ел. енергија на отворениот пазар, но има и други причини. Сето тоа е позитивно, но ел. енергија добиена од сонцето е моментална и ја нема во периодите кога нема сонце. Во таквите случаи потребно е стабилно производство за да ги задоволи потребите во тие периоди, а тоа најчесто се случува во текот на грејната сезона (во зима). Ако се затворат термоелектраните на јаглен, како базна енергија останува само онаа произведена во хидроелектраните, но таа не е доволна и не е константна бидејќи зависи од хидролошките услови.

Од аспект на заштита на животната средина, јас сум за затворање на термоелектраните на јаглен во РМ. Но државата нема алтернатива за стабилно производство во блиска иднина и ќе треба да троши големи финансиски средства за увоз на електрична енергија во периодите кога нема сонце (и ветер). Затоа, треба да се впрегнат сите сили за РЕК Битола да издржи со работа додека не се изградат соодветни стабилни алтернативи.

Има уште многу да се пишува за проблемите во енергетскиот сектор во РМ, но на крај ќе напишам само на кратко за нешто што треба итно да се направи како врвен приоритет за да се обезбеди производство на базна електрична енергија, а тоа е: 1) Веднаш да се почне со изградба на хидроцентралата Чебрен и тоа со најмалку 51% сопственост на државата РМ, и 2) Изградба на една когенеративана гасна постројка во Скопје од над 200 MW електрична енергија и две помали (30 до 40 MW) во градови како на пример во Битола, Тетово или други, исто така во сопственост на државата од најмалку 51%. Секој ден одложување на овие градби веќе го плаќаме со илјадници евра.

 

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор, Машински факултет – Скопје

20.09.2024

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK