ГОЛЕМИ КАПИТАЛНИ ИНВЕСТИЦИИ ВО РМ, НО НЕ ВО ЕНЕРГЕТИКАТА


risto_ciconkov_001
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Најмалку еднаш неделно на вести на националните ТВ канали го гледам министерот за транспорт (и вицепремиер) Александар Николоски најчесто со изјави за градењето на автопати, магистрални патишта и железници, а во позадина најчесто има градежна механизација и работници. Веднаш до него: Коце Трајановски. Во тие моменти веднаш го зголемувам моето внимание за да видам до каде е изградбата на одредени делови од автопатите, особено оној од Кичево до Охрид.

Факт е дека претходната влада за седум години не изгради ниту еден километар од овој автопат. И не само тоа. Во март 2023 година склучи договор со фирмата “Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра за изградба на три автопатски делници: Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола кои не беа почнати со градба до крајот на својот мандат, а не направи ниту експропријација на земјиштето на трасите. Но новата влада веднаш отвори фронт за работа на овие автопатски делници во 2024 година и тие интензивно се градат денес.


Истовремено има градежни активности во изградба на железнички пруги на коридорот 8 кон Бугарија, а се најавува и железничка врска до граница со Албанија. Но најголема инвестиција во овој сектор ќе биде најавената брза пруга од Табановце до грчката граница, како и пруга за товарни возови. Не е јавно објавена трасата на овие пруги, но ако се води по течението на реката Вардар, ќе биде спречена или редуцирана изградбата на хидроелектрични централи на реката Вардар. Постои и студија на проект наречен “Вардарска долина“ кој не би можело да се реализира. За ова треба добро да се размисли, потребен е тим од експерти од повеќе струки.

Но поводот да го напишам овој текст е изјавата на министерот Николоски во јавните медиуми дека “Македонија само во патна инфраструктура на Коридорот 8 моментно вложува 2,1 милијарди евра, а во делот на железницата следните 5-6 години ќе инвестира над 3 милијарди евра. Тоа се вкупно 5,5 до 6 милијарди евра инвестиција само на Коридорот 8“. Јас се сложувам дека е добро да се изградат овие патишта и железница на коридорот 8, но мислам дека треба претходно да се направи анализа на динамиката на капиталните инвестиции земајќи ги предвид и другите сектори.

Конкретно мислам на електроенергетскиот сектор каде што во буџетот на Република Македонија (РМ) за 2026 година не се предвидени финансиски средства за изградба на државни електроцентрали (барем за проектна документација). Многу пати сум пишувал во минатото дека РМ има голема потреба од сопствено производство на базна електрична енергија

Во последниве неколку години има масовна изградба на фотоелектрични централи што делумно ја ублажува енергетската криза кај нас, особено заради лошата состојба со термоцентралите во РЕК Битола. Тие се многу стари и подложни на дефекти, а од друга страна резервите на јаглен во рудниците се речиси исцрпени, па мораме да увезуваме големи количини.

И покрај изградбата на голем број фотоелектрични централи, РМ има голем проблем во снабдувањето со електрична енергија бидејќи фотоцентралите и ветерниците произведуваат само кога има сонце и ветер, а капацитетите за складирање се многу мали. Заначи, во земјава мора да има стабилни (базни) произведувачи како што се хидроцентрали и термоцентрали. Ова се потврдува и со фактот дека околу 30% од потребите за електрична енергија РМ ги покрива со купување на отворен пазар (најчесто од увоз), а тоа се големи финансиски средства. На пример, во 2022 година државата потроши околу 400 милиони евра за увоз на електрична енергија, а во 2025 околу 250 милиони евра плус трошоци за увоз на јаглен и мазут за РЕК Битола. Состојбата драстично ќе се влоши по престанокот на работа на РЕК Битола, а тоа се очекува да се случи за неколку години. Значи не постои енергетска безбедност на РМ.

Очекував оваа Влада да објави и реално да почне да ја гради ХЕЦ Чебрен бидејќи РМ нема базно производство на електрична енергија, а има и многу други причини за тоа како што се водоснабдување, наводнување во земјоделството и адаптацијата кон климатските промени. Постои можност и за изградба на пумпно-акумулациони езера кои би служеле за складирање на енергија кога има вишок од фотоелектричните централи. Исто така, очекував државата веднаш да гради сопствена гасна когенеративна централа, а не да преговара со странски инвеститор (“Казанџи груп“) кој би ја продавал електричната енергија на отворен пазар.

Меѓу другото, министерот Николоски кажа дека се работи на студија за реконструкција / модернизирање на пругата Скопје – Кичево и потоа за околу две години ќе биде готова, тоа ќе чини оклу 300 милиони евра. Значи потребата од оваа пруга се става пред потребата за изградба на централи за производство на базна електрична енергија!

Има многу работи што треба да се прават (инвестираат) во енергетскиот сектор, но моја добронамерна порака до Владата е да ја ревидира динамиката на капиталните инвестиции во патната и железничката инфраструктура, а да даде соодветен приоритет на изградба на сопствени електроцентрали кои ќе имаат базно производство. Всушност, такви инвестиции се наведени во документот “Национален план за енергија и клима 2025–2030“ усвоен неодамна од Владата.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

14.05.2026

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK