Дали вештачката интелигенција ќе го препорача вашиот бренд кога купувачот ќе праша?


ChatGPT Image Jul 12, 2026, 08_23_23 PM
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Колумна на Наташа Велковска

Авторката е експерт за комуникации, односи со јавност, маркетинг и бренд стратегија, со фокус на сторителинг, репутација и градење доверба меѓу брендовите и нивната публика.


 

До вчера прашањето беше: „На која позиција сме на Google?“

Денес сè почесто станува: „Дали ChatGPT, Gemini, Perplexity или Google AI Overview воопшто ќе нè спомнат?“

И ова не е техничка ситница за SEO луѓе што ќе ја решиме со уште три keywords и малку мета-описи. Ова е нова фаза на дигитална видливост. Купувачот веќе не мора да отвори десет линкови, да споредува сам, да чита форуми до полноќ и да си прави Excel табела за тоа кој ресторан, хотел, софтвер, мебел, козметички бренд или B2B добавувач му одговара. Сè почесто ќе ја праша машината: „Која е најдобра опција за мене?“

А машината ќе му состави одговор.

Ако вашиот бренд не е дел од одговорот, не сте втори на Google. Не сте ни во муабетот.

Според Bain, бројот на ChatGPT промптови кај примерокот што го следеле пораснал речиси 70% во првата половина од 2025 година. Ова е важен сигнал дека луѓето не користат AI само за да си пишуваат честитки и мејлови, туку сè повеќе за пребарување, споредба, разбирање и носење одлуки. Во анкета на Adobe со 5.000 американски потрошувачи, 39% изјавиле дека веќе користеле генеративна вештачка интелигенција за онлајн купување, а 53% планирале да користат во текот на годината. Најчести намени: истражување 55%, барање препораки з апроизводи 47%, барање добри зделки 43%, идеи за подароци 35%, уникатни производи 35%, шопинг листи 33%. Тоа значи дека LLMs стануваат нов влез во customer journey.

Од SEO кон AEO и GEO

SEO нè научи да размислуваме како да бидеме пронајдени. Да имаме добра веб-страница, релевантни зборови, линкови, технички исправна структура, брзина, содржина што одговара на пребарувања.

AEO, Answer Engine Optimization, и GEO, Generative Engine Optimization, го поместуваат фокусот. Веќе не е доволно да бидеме пронајдени како еден од резултатите. Треба да бидеме разбрани како релевантен одговор.

Разликата е голема.

Кај SEO корисникот гледа листа на линкови и сам избира на кој ќе кликне. Кај AI одговорите системот прави селекција, синтеза и препорака. Тој не мора да ви донесе сообраќај на веб-страница за да влијаете врз одлуката. Може да ве спомне, да ве спореди, да ве изостави или, уште полошо, да ве објасни погрешно.

Google во своите насоки за AI Overviews и AI Mode вели дека основните SEO практики остануваат важни, дека содржината треба да биде корисна, доверлива и пишувана за луѓе, дека важните информации треба да бидат достапни во текстуална форма, а структурираните податоци да се совпаѓаат со видливата содржина на страницата. Тоа звучи технички, ама суштината е многу едноставна: ако не сте јасно објаснети онлајн, немојте да очекувате AI системите магично да ве разберат.

AI не измислува, го чита и сумира она што веќе постои

Чита што пишува на вашата веб-страница. Чита дали имате експертски текстови, медиумски објави, интервјуа, case studies, рецензии, споредби, јавни настапи, податоци, често поставувани прашања, опис на производи, локален контекст, фотографии со смисла, видеа со објаснување. Чита што велат други за вас, не само што велите вие за себе.

Во ресторанската индустрија ова значи дека не е доволно на Instagram да имате убави слики од паста. Ако некој праша: „Каде да одам на вечера во Скопје со друштво, да не е прескапо, да има добра атмосфера и вегетаријански опции?“, AI ќе бара онлајн докази за атмосфера, мени, локација, цени, reviews, блогови, рангирања, Google профил, свежи информации и искуства од корисници. Ако на интернет за вас постои само пораката „добредојдовте во уникатно гастрономско искуство“, со среќа нека ви е.

Во туризмот, хотелот за кој пишува „луксуз, удобност и незаборавно искуство“ е еден од илјада. Но хотел што јасно објаснил за кого е, дали е pet-friendly, дали има мирна зона, дали е за семејства, каков е интернетот, што има во близина, што велат гостите, кои соби гледаат кон море, кои не, дали има работен простор и какво е искуството настрана од совршените фотографии, има многу поголема шанса да биде препознаен како добар одговор за конкретно прашање.

Во e-commerce, AI нема да ве препорача само затоа што имате „најдобри цени“. Ќе му требаат добри описи на производи, реални спецификации, јасни политики за враќање, reviews, достапност, споредби, фотографии, одговори на прашања што луѓето ги поставуваат пред купување. Ако продавате детска опрема, не е исто да пишува „квалитетна количка“ и да пишува за која возраст е, колку тежи, дали ја собира во мал багажник, како се склопува, дали може да се управува со една рака и што велат родители што веќе ја користеле. Едното е опис за каталог. Другото е материјал за одлука.

Брендовите многу сакаат да кажат за себе дека се лидери, иновативни, посветени, уникатни, најдобри во класата. Вештачката интелигенција ич не е импресионира од таквите изјави. Искрено, ни луѓето одамна не се.

Ако не сте објаснети, ќе бидете прескокнати

Се менуваат пребарувачките навики

Pew Research Center во анализа од март 2025 покажува дека корисниците што виделе AI summary во Google биле помалку склони да кликнат на линкови отколку оние што не виделе такво резиме. Во страниците со AI summary, клик на традиционален резултат се случил во 8% од посетите, наспроти 15% кај страниците без AI summary. Клик на линк во самото AI summary се случил во само 1% од посетите.

Значи, ако AI го составил одговорот, голем дел од корисниците можеби нема ни да продолжат да истражуваат. Ќе го земат резимето како доволно. Тука се менува играта. Повеќе не се бориме само за клик. Се бориме да бидеме дел од рамката поставена од AI во која купувачот размислува.

И тука доаѓаме до непријатниот дел: ако брендот со години не ја раскажувал својата приказна, ако нема содржина што одговара на реални прашања, ако нема медиумска видливост, ако нема свежи reviews, ако нема корисни објаснувања, ако нема конзистентен јазик низ каналите, тогаш AI нема од што да направи паметен заклучок.

Ќе ја препорача конкуренцијата која го има сето тоа.

Што треба да прават брендовите?

Прво, да престанат да гледаат на содржината како на календар што треба да се пополни. „пост за понеделник“, „честитка за празник“, „ај да ставиме нешто за Black Friday“ не е стратегија. Во AI ера, содржината треба да одговара на прашања што луѓето навистина ги поставуваат.

Што треба да знае купувачот пред да избере? Од што се плаши? Со што ве споредува? Кои заблуди ги има? Кои критериуми му се важни? Кои ситуации му создаваат нервоза? Кои зборови ги користи кога бара решение?

Ресторан треба да објасни искуство, не само мени. Хотел треба да објасни за каков гостин е добар, не само дека има „совршена локација“. E-комерц бренд треба да објасни избор, споредба, гаранција и реална употреба.

Второ, брендовите треба да ја средат својата дигитална инфраструктура. Некогаш е досадно, ама неопходно да се работи на оптимизирана веб-страница што може да се индексира, текст што не е заклучен во слика или PDF, јасни страници за услуги и производи, FAQ секции што не се пишувани формално колку да имаат наслов, schema markup каде што има смисла, ажурирани Google Business профили, точни податоци за локација, работно време, цени, достапност, тим, контакти и процеси.

Трето, треба да градат присуство. Приказната не живее само на вашата веб-страница. Медиумски текстови, интервјуа, гостувања, професионални профили на лидерите, партнерства, релевантни директориуми, форуми, YouTube, LinkedIn, reviews, case studies на туѓи страници, сè тоа создава контекст. ПР објавите се докази што утре ќе помогнат некој систем да разбере зошто сте релевантни.

Четврто, треба да имаат јасен став. Ова е делот што не се решава со plugin. Ако сите користат исти зборови, AI нема магично да ја препознае вашата посебност. Ги потрошивме од пречеста употреба „квалитет“, „иновативност“, „традиција“, „професионален тим“, „индивидуален пристап“ а ништо конкретно не кажавме.

Ако сте бренд за мебел, што точно значи квалитет кај вас? Материјал, рок на изработка, можност за поправка, дизајн, ергономија, локално производство? Ако сте козметички бренд, дали зборувате за состојки, рутина, типови кожа, тестирање, ограничувања? Ако сте ресторан, дали сте место за брз ручек, семејна вечера, date night или гурманско истражување? Кажете за кого сте. Не мора да бидете за сите. Особено не во AI одговори, каде што конкретното прашање бара конкретна препорака.

АЕО/ГЕО нинџа да го спаси брендот

Најголемата заблуда е дека AEO и GEO ќе бидат некаква нова магична техника со која ќе го „хакираме“ AI. Веќе има алатки, тактики, dashboards, а ќе има и луѓе што ќе продаваат чуда во три чекори. Нормално. Секоја технолошка промена си носи свои гуруа. Но суштината е постара од AI.

Бидете јасни. Бидете корисни. Бидете конкретни. Бидете доследни. Бидете присутни таму каде што луѓето бараат одговори. Направете вредноста да биде видлива. Објаснете што правите, за кого е, како функционира, зошто вреди, каде сте подобри, каде не сте, што може да очекува клиентот и што не може.

Во AI ера нема да победи брендот што најмногу објавува. Ќе победи брендот што инвестира во комуникација за најдобро да биде разбран.

Ставовите изнесени во колумната се лични ставови на авторката и не мора да ја одразуваат уредувачката политика на медиумот; медиумот не презема одговорност за изнесените мислења.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK