На денешен ден

denesen_den_345347
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

8 јули 2023







 

1497.- Португалскиот морепловец Васко де Гама со неговата флота испловил од Лисабон и во втората половина на ноември поминал крај `ртот Добра Надеж.

 

1621.- Во Шато Тиери е роден Жан де Ла Фонтен, француски поет и баснописец. Има напишано 240 басни. Умрел во Париз, на 13 април 1695 година.

 

1709.- Руската војска под водство на царот Петар Велики по двочасовна битка кај Полтава сосема ги поразила шведските трупи што ги водел Карло Дванаесетти. Руската војска со победата над тогаш најдобрата војска во Европа многу го подигнала угледот на Русија, па таа стапила на светската сцена како сила од прв ред, додека Шведска тоа место засекогаш го загубила.

 

1819.- Во Загреб е роден Ватрослав Лисински, хрватски композитор, автор на првата хрватска опера „Љубов и злоба“, издадена првпат во 1846 година. Компонирал и увертири, музика за хорови и соло-песни. Умрел во Загреб, на 31 мај 1854 година.

 

1822.- Во Лондон умрел Перси Биш Шели, англиски писател, еден од најголемите лиричари во светската поезија. Во поемата „Кралицата Маб“ го изразил својот револуционерен дух против кралевите, свештениците и политичарите. Роден бил во Филд Плејс на 4 август 1792 година.

 

1885.- Роден е германскиот филозоф Ернст Блох, еден од најзначајните мислители во 20 век. Завршил студии на филозофија, физика и музика. Докторира во Вицбург, а универзитетската кариера ја почнал во 1918 година во Лајпциг. Дела: „Духот на утопијата“, „Томас Минцер како теолог на револуцијата“, „Траги“, „Наследство на ова време“, „Слобода и поредок“, „Субјект – Објект“ (монографија за Хегел), „Принципот на надежта“, „Природно право и човековото достоинство“, „Тибингенски вовед во филозофијата“.

 

1940.- Владата на Новешка во Втората светска војна емигрирала во Лондон, откако норвешката војска капитулирала, 62 дена по силната германска инвазија.

 

1943.- Умрел Жан Мулен, херој на француското Движење на отпорот во Втората светска војна, познат како „Макс“ кој раководел со отпорот во окупирана Франција. Умрел од повредите откако бил уапсен од Гестапо.

 

1947.- На седницата на Советот за безбедност на ООН, советскиот делегат Андреј Громико остро го нападнал извештајот на Анкетната комисија за ситуацијата во Грција што бил поднесен на одобрување. Во предложената советска противрезолуција спрема американската се барало, покрај другото, грчката влада да ги преземе неопходните мерки за отстранување на секаква дискриминација на граѓаните од Македонија и на албанската националност и да им даде можност да го говорат својот мајчин јазик и да ја развиваат својата национална култура.

 

1967.- Со нападот на израелските копнени и воздухопловни сили врз Египет почнала израелската агресија врз арапските земји.

 

1967.- Умрела англиската театарска и филмска актерка Вивиен Ли, која се здобила со светска слава со улогата Скарлет О`Хара во амриканскиот филм „Однесено од виорот“, за која била наградена со Оскар. Во театарските претстави толкувала водечки улоги во драмите на Вилијам Шекспир, често со сопругот Лоренс Оливие, за кого била мажена од 1937 до 1960 година. Други филмови: „Бура во чаша со вода“, „Пожар над Англија“, „Цезар и Клеопатра“, „Ана Каренина“, „Леди Хамилтон“, „Трамвајот наречен желба“ (Оскар), „Римската пролет на госпоѓата Стон“.

 

1998.- Почнала изградбата на автопатот Стоби – Неготино.

 

2002.- Лидерите на 34 африкански земји на состанокот во Дурбан ја укинале Организацијата на африканското единство и следниот ден ја нарекле Африканска унија, по примерот на Европската унија.

 

2008.- Највисоките дипломати на САД и на Чешка, Кондолиза Рајс и Карел Шварценберг, во Прага, потпишале договор за разместување на американскиот антиракетен систем во Чешка. Сепак, двете страни не успеале да се договорат за вториот договор кој се однесувал на статусот на американските војници во Чешка. Повеќе од 100.000 Чеси претходно потпишале петиција против американското присуство во Чешка.

 

2022.- Поранешниот премиер на Јапонија, Шинѕо Абе им подлегна на повредите откако беше застрелан додека држеше говор за време на предизборна кампања во градот Нара. Абе почина во болница на 67 години, откако во него пукаше поранешниот припадник на јапонската морнарица 41-годишниот Тацуја Јамагами од Нара. Абе беше префрлен во болница, но не покажувал знаци на живот. Тој првпат стапи на премиерската функција на 52-годишна возраст, со што е најмлад премиер на Јапонија, но и со најдолг премиерски стаж.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK